Полицијата во Виетнам заплени повеќе од 400 украдени мачки во голема акција против криминална мрежа за трговија со мачешко месо во градот Хо Ши Мин, соопштија организации за заштита на животните и локални медиуми, пишува Ал Џазира.

Повеќе од 40 спасени мачки биле вратени кај нивните сопственици по повеќедневната акција спроведена минатата недела. Сепак, неколку десетици од спасените животни угинале поради тешките услови во кои биле пронајдени.

Операцијата е „отрезнувачки потсетник за огромните размери на трговијата со мачешко месо во Виетнам“, изјави Каранвир Кукреја, кој ја предводи кампањата против консумацијата на кучешко и мачешко месо во меѓународната организација Humane World for Animals.

Истрагата за серија кражби на домашни миленици во Хо Ши Мин довела до откривање на криминалната мрежа и апсење на девет лица, пренесуваат локалните медиуми.

Полицијата пронашла 45 кафези со околу 400 живи мачки, како и четири кутии со мраз во кои имало околу 80 мртви мачки. На друга локација биле спасени уште 21 живи мачки.

Милиони животни стануваат жртви на крадци кои ги земаат од улиците или ги крадат домашните миленици од семејствата, по што ги колат за исхрана на луѓето, изјави Кукреја.

Крис Гинделхумер од организацијата Vietnam Cat Welfare, која се грижи за спасените животни, рече дека во последните денови видел многу солзи.

„Прекрасно е да се види колку виетнамски семејства доаѓаат во потрага по своите мачки. Но истовремено е и срцепарателно, бидејќи многу семејства ги бараа своите миленици и не ги пронајдоа“, изјави тој.

Според него, голем број ветеринари и волонтери работат деноноќно за да се грижат за спасените животни.

Консумирањето кучешко и мачешко месо е легално во Виетнам. Продавачите мора да поседуваат дозволи што го потврдуваат потеклото на животните. Сепак, одредени градови, како Хои Ан во централниот дел на земјата, во соработка со меѓународни организации се обидуваат да ја запрат оваа практика.

По забраната за кучешко месо во Јужна Кореја во 2024 година, виетнамските власти најавија реформи на делови од законодавството со цел подобра заштита на домашните миленици и правата на нивните сопственици.