Полициски припадници пребаруваат по архивите на весникот „Епл дејли“; Извор: Скриншот од видео на „Епл дејли“

Со околу 500 полициски службеници, полицијата од Хонгконг упадна во про-демократскиот весник „Епл дејли“ и уапси пет новинари, вклучувајќи го и главниот уредник Рајан Ло, јавува Радио Слободна Европа на македонски јазик. Би-би-си пишува дека претресот е направен поради „прекршување на законот за национална безбедност“.

Покрај тоа што про-кинеската полиција ги уапси новинарите, таа ги замрзна средства во висина од 2,3 милиони долари во сопственост на трите компании поврзани со весникот „Епл дејли“. Сопственикот на весникот Џими Ли веќе се наоѓа во затвор.

Полицијата на Хонгконг во официјалното соопштение вели дека од 2019 година до денес весникот „Епл дејли“ објавил над 30 текстови, со кои ги повикува странските земји да воведат санкции кон Хонгконг и Кина.

Редакцијата на „Епл дејли“ пак во живо на Фејсбук го пренесуваше упадот на полицијата на Хонгконг во нивните простории и апсењето на новинарите.

Политичката атмосфера во Хонгконг значително се влоши по репресијата врз демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението во знак на протест против влијанието на централните власти во Пекинг.

Инаку, во законот за национална безбедност што беше донесен по протестите од пред две години се предвидуваат и доживотни казни затвор за „злосторства поврзани со отцепување, субверзија, тероризам“, кои би го загрозиле територијалниот интегритет и суверенитет на Кина во однос на Хонгконг.