Вистинска драма се случуваше вчера попладне на улицата „Благој Давков“ во Дебар Маало, во дворот на приватна куќа веднаш спроти Генералштаб. Скопјанец на околу 30 годишна возраст, беше качен на дрво на висина од 15 метри, а убедувањето на полицијата да се симне долу, траеше неколку часови.

Мета.мк беше на местото на настанот. На крајот од оваа невообичаена акција, околу 18 и 15 часот, тој со лисици на рацете беше изнесен од дворот во куќата и внесен во амбулaнтно возило на Итната медицинска помош.

Од МВР соопштија дека „најверојатно, се работи за лице со психички проблеми“ | Фото: Мета.мк

Во овој дел од градот, неколку часови сообраќајот отежнато се одвиваше бидејќи едната лента беше блокирана од пожарникарско возило, полициско комбе, возило на Итната медицинска помош, како и неколку возила од сообраќајната полиција, чии ротациони светла беа постојано вклучени.

Случајни минувачи застануваа и прашуваа што се случува бидејќи глетката оставаше впечаток дека станува збор за тешко кривично дело поради многуте возила на местото на настанот. Вознемирени од случката беа и соседите кои првично коментираа дека станува збор за разбојник кој се обидувал да влезе и да краде во куќите.

Глетката оставаше впечаток дека се работи за убиство, бидејќи на местото имаше возило на Итна медицинска помош, „марица“, пожарникарско возило и неколку возила на сообраќајна полиција со вклучени ротациони светла. Фото: Мета.мк

Мета.мк се обрати до Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде испратија многу краток одговор. Според нив, „најверојатно“ станувало збор за  „лице со психички проблеми“, кое „тропало по вратите на становите и ги вознемирувало станарите“.

„Во 15.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул. „Благој Давков“ во Скопје има машко лице, најверојатно со психички проблеми, кое тропало по вратите на становите и ги вознемирувало станарите. Веднаш се упатени полициски службеници на местото на настанот, а кога ги видело полициските службеници, лицето се качило на дрво на висина од 15 метри. По одредено време, лицето доброволно се симнало. Утврдено е дека станува збор за Д.Б. и по укажаната помош на лице место од екипа на Итна помош, лицето е пренесено во здравствена установа“, информираа од МВР за Мета.мк.

Инаку, Д.Б. е со низок раст и физички исклучително добро подготвен.