fbpx

Полицаец од Битола осуден на една година затвор за употреба на прекумерна сила

-

Основниот Кривичен Суд Скопје го осуди полицискиот службеник Г. П вработен во СВР Битола на казна затвор во траење од една година за делото -Малтретирање во вршење на службата член 143 од Кривичниот законик, соопшти денес Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Од изведените вербални и материјални докази во текот на доказната постапка, судот неспорно утврдил дека критичното време и место обвинетиот како полициски службеник го малтретирал оштетениот Н. Ј и спрема истиот постапил на начин што се понижува човечкото достоинство и човечката личност со што во целост е исполнето законското битие на кривичното дело кое на обвинетиот му се става на товар со обвинителниот предлог.

Како што информираат од МЗМП, судот утврдил дека на 21.09.2020 година околу 01 часот на ул. Никола Тесла во Битола, обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на службата го малтретирал оштетениот Н. Ј на начин што при обезбедување на самото место по случена сообраќајна незгода откако спрема оштетениот употребил полуга на левата и десната рака, го совладал и турнал на земјата и додека оштетениот бил легнат на земјата обвинетиот го удирал со клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, нозете и грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.

За време на осумте одржани рочишта, во својство на сведоци оштетениот сослушани се доктор по општа медицина како и сведоци на одбраната, а изведени се и повеќе докази помеѓу кои и видео-материјалот од којшто судот неспорно утврдил дека веднаш откако бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на оштетениот и тој бил совладан и соборен на земја, обвинетиот продолжил да го удира оштетениот со тупаници и со клоци по телото и главата и тоа додека оштетениот лежел на земјата.

Од МЗМП информираат дека и покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи со образложение дека „околноста дека оштетениот во критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувал за што се води и кривична постапка против него за кривично дело од член 383 од КЗ не претставува оправдување за преземените дејствија од страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и соборен на земјата, продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа применувајќи прекумерна сила“.

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на судот, особено имајќи ја предвид неприкосновеноста на индивидуалната слобода, како што и судот истакнува во самата пресуда, односно дека при одмерување на казната особено ги зел предвид повредата на заштитеното добро на оштетениот, а тоа се слободите и правата на оштетениот како и зачестеноста на ваквиот вид на кривични дела, како отежнувачки околности.

Од таму истакнуваат дека оваа пресуда е од енормно значење поради тоа што е меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник поради употреба на прекумерна сила кон оштетено лице за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата, член 143 од Кривичниот законик. Досегашна судска пракса е изрекување на условна осуда за полициски службеници дури кога е утврдена употреба на прекумерна сила при пречекорувањето на полициските овластувања.

Оттука, Македонското здружение на млади правници целосно го поддржува ставот на Судот дека во конкретниот случај со изречената казна затвор во траење од една година ќе бидат постигнати целите на казнувањето од аспект на генерална и специјална превенција.

МЗМП ја следеше оваа постапка во постојана соработка со Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, за кои оваа пресуда претставува чекор напред кон правда за жртвите Роми на полициска бруталност во нашата држава.

Оштетениот е застапуван од адвокат Татјана Донеска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...