fbpx

„Polexit“ од правото на ЕУ – загрозување на јадрото на ЕУ

- Повод: неодамнешната одлука на Полскиот уставен суд -

-

Принципот на првенство (сумпремација) на правото на ЕУ е една од најважните лекции на оние што ја изучувааат интеграцијата на ЕУ. Востановен уште далечните 60-ти години преку судската практика на Судот на правдата на ЕУ (СПЕУ), овој принцип кажува дека правото на ЕУ има првенство пред националното право на државите членки. Оттаму, одлуките на СПЕУ се обврзни за националните органи, вклучувајќи ги судовите. Принципот на првенство на правото на ЕУ е еден од клучните чинители што ја прават ЕУ наднационална заедница sui generis.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Неодамнешната одлука на Полскиот уставен суд директно го негира принципот на првенство на правото на ЕУ.

За што всушност се работи во овој предмет?

Одлуката е донесена по поднесокот од премиерот на Полска со кој се бара Уставниот суд да потврди дека пресудите на СПЕУ што го одредуваат европскиот стандард за независност и непристрасност на судиите не можат да се применат во полскиот правен поредок.
Барањето следуваше по веќе донесените пресуди на СПЕУ во повеќе предмети кои суштествено ги прифаќаат тужбите од Европската комисија со кои се утврдува дека Полска го прекршила правото на ЕУ и се бара таа да преземе мерки за нивно спроведување. Пресудите се однесуваа на изменетите постапки за избор на судии и на дисциплинските постапки за судиите за кои европските институции сметаа дека го кршат правото на ЕУ од повеќе аспекти, но најважниот е дека го кршат принципот на независноста на судството.

Полскиот уставен суд утврдува дека неколку клучни членови на Договорот за Европската унија (на кои се повикува Европската комисија во нејзините тужби) не се во согласност со Уставот на Полска. Судот утврдил дека со овие одредби институциите на ЕУ дејствуваат надвор од опсегот на надлежностите што им се доделени од Република Полска во договорите, дека ја спречуваат да функционира како суверена и демократска држава и дека полскиот устав има предност во однос на неговата обврзувачка сила и примена. Со тоа директно го става полскиот уставен поредок над оној на ЕУ, спротивно на принципот на првенство на правото на ЕУ. Некои ова го нарекоа „Polexit“ на Полска од правото на ЕУ, секако алудирајќи на Брегзит.

Покрај глобално медиумско внимание, пресудата на Полскиот уставен суд предизвика силни реакции и внатре во земјата и од европските институции. Во стотина полски градови се одржаа масовни демонстрации во поддршка на членство во ЕУ, со над 100.000 демонстранти во главниот град. Академската заедница, поранешните судии на полскиот уставен суд и многу други полски и странски експерти изнесуваат бројни аргументи против пресудата.

Европските институции остро реагираат за да го зачуваат основите на правниот поредок на ЕУ – не само со изрични изјави на нејзините највисоки претставници. Европската комисија минатиот месец побара од СПЕУ да утврди парична казна за Полска за неспроведувањето на одлуките. Се работи за казни кои можат да изнесуваат и по неколку стотици илјади евра дневно. Покрај тоа, Комисијата сѐ уште не ѝ доделува на Полска милијарди од фондовите за пост-КОВИД обнова на ЕУ. Сепак, остануваат отворени прашањата како натаму ќе се примени нововостановениот механизам на владеење на правото за овие фондови, како и можноста за примена на членот 7 од Договорот за ЕУ – за суспензија на правата на држава членка. Така, на тест е целиот систем на владеење на правото во ЕУ – еден од клучните проекти на ЕУ „во изградба“.

Пoстојат претходни одлуки на устaвни судови на државите членки (германскиот, данскиот, италијанскиот, чешкиот) со кои се утврдило дека СПЕУ ги пречекорила своите овластувања за поспецифични прашања од соработката со ЕУ. Сепак, тие не ја оспориле самата основа на функционирањето на системот на ЕУ, ниту функционирањето на нивните судски системи во рамките на правниот систем на ЕУ. Најдалеку претходно отиде Германскиот федерален уставен суд кој утврди дека одлуките на Европската централна банка за Програмата за набавки во јавниот сектор ги надминуваат надлежностите на ЕУ, за што која Европската комисија покрена постапка за прекршување на правото на ЕУ против Германија. Германскиот федерален уставен суд, иако во принцип го признава првенството на правото на ЕУ, има востановено три исклучоци во кои си дава за право да ги проценува актите на ЕУ (еден од исклучоците е споменатиот за надминување на надлежностите).

Во извештајот за владеењето на правото на ЕУ во насловот „контрола и рамнотежа“, посебен аспект кој се разгледува е почитувањето на првенството на правото на ЕУ. Покрај овде споменатите предмети против Полска и Германија, Комисијата во последниот ваков извештај од јуни оваа година изразува загриженост и за одлука на француската влада (за задржување на податоци), како и за одлука на Романскиот уставен суд (со која не се прифаќа прелиминарна одлука на СПЕУ).

Се чини дека институциите на ЕУ ќе бидат во грчевита борба за да се спречи „епидемија“ на прекршувања на правото на ЕУ, особено неговите основни принципи, кои ја прават ЕУ она што е.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...