Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција потенцираше дека Железници на РСМ – Транспорт ги става на располагање капацитетите за превоз на стоки во товарниот сообраќај. Сите товарни вагони од различен тип им се ставаат на располагање на компаниите за увоз и извоз на стоки во нашата земја, информираше министерот Сугарески.

Тој посочи дека товарниот железнички сообраќај може да се користи од стопанството за превоз на репроматеријали за индустријата, со што тоа би била олеснителна околност за сите фирми кои ја имаат потребата од овој превоз.

За разлика од камионскиот превоз, во железничкиот товарен сообраќај транспортот на стоки се врши со менување на локомотиви на самите гранични премини меѓу државите, со што се избегнува ризикот наши граѓани во овој момент да патуваат надвор од земјава. Воедно, со една железничка товарна композиција може да се транспортира обем на стока што е еквивалентен на капацитетот што можат да го превезат десетици камиони.

За сите оние што ќе се одлучат да го користат камионскиот транспорт, министерот Сугарески рече дека од утре професионалните возачи ќе биде неопходно да поседуваат дозвола за влез и излез од територијата на нашата земја, издадена од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– За да нема застој, ги упатуваме транспортните компании дозволите да ги вадат и преку Асоцијациите на транспортери. Исто така утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар – растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај – изјави Сугарески.

Поради дополнителните процедури и контроли од корона вирусот, министерот Сугарески напомена дека се можни забавувања на товарниот транспорт на граничните премини. Меѓународниот товарен сообраќај засега се одвива без забрани, но министерот за транспорт и врски потенцираше дека возачите на камиони задолжително мора да се придржуваат на посебниот здравствен протоколарен режим за да можат да влезат во нашата земја.

Поради затворањето на двата аеродрома, „Визер“ во периодот што следи нема да ја добива договорената финансиска поддршка во форма на субвенции по превезен патник. Меѓуградскиот автобуски и железнички транспорт засега се одвива непречено, но само во услови на почитување на мерката за ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 отсто или задолжително одржување на растојание од најмалку 2 метри помеѓу патниците, информираше Сугарески. Забрана за меѓуградски превоз не е донесена, а за ваквата мерка дополнително ќе се одлучува.