Нема никакви драми, ниту најави дека населението во државата ќе треба да се вакцинира против птичји грип. Вакцини против птичји грип нема и препораките на Институтот за јавно здравје се лицата кои се во ризик да заболат од овој вирус, да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип. Тоа е препорака, не нешто задолжително. Точно е дека се инвестира во нови технологии за производство на вакцини, но тоа нема никаква врска со моменталната ситуација на птичји грип, најмалку со ситуацијата во Зоолошката градина во Скопје, пишува Вистиномер. 

Објавата ја пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ДРАМАТА ВО ЗОЛОШКАТА ВО СКОПЈЕ И УСМРТУВАЊЕТО Е ЗАРАДИ НОВИ ВАКЦИНИ…… ФАРМАЦЕУТСКИТЕ КОРПОРАЦИИ РЕШИЛЕ ДА СИ ГО ЗГОЛЕМАТ ПРОФИТОТ….(ВИДЕО) Д-Р МАЛОУН: Драмата околу птичјиот грип е за да се прават нови вакцини, ова се повторува на секои три-четири години и сум уморен од тоа!.

Тврдењето дека се прави драма во Зоолошката градина со птичјиот грип и усмртувањето птици заради нови вакцини, не е поткрепено со никакви докази и факти. Објавата пренесува мислење на лекар, кој и за време на пандемијата со коронавирус ширеше невистини во врска со вакцините.

Имено, Агенцијата за храна и ветеринарство на 19 октомври, како што јавија медиумите, информираше дека утврдила присуство на птичји грип во скопската Зоолошка градина кај угината гуска, поради што Зоолошката ќе биде затворена 21 ден.

Резултатот за присуство на птичји грип бил добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.

Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата, соопштија од АХВ.

Притоа, не било утврдено присуство на птичји грип кај некој од вработените. Една посетителка на зоолошката побарала да биде тестирана, но и таа испаднала негативна.

Птичјиот грип или Авијарната инфлуенца (АИ), е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ и може предизвикува висока стапка на смртност кај птиците. Од вирусите на Авијарна Инфлуенца во ретки случаи можно е да се заразат и луѓето. Пренос на луѓето се случува кога постои близок контакт со заразени птици. Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето ,се препорачува сите кои работат или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со Авијарна Инфлуенца, да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми.

Вакцина против птичји грип нема, па затоа Институтот за јавно здравје, како превенција против птичји грип препорачува лицата кои се во контакт со живина и имаат ризик да се разболат од вирусот, да се вакцинираат против сезонски грип.

Со вакцина против сезонски грип треба да бидат вакцинирани сите работници кои професионално доаѓаат во контакт со птичји грип и тоа работниците за кои со сигурност е утврдено дека биле во близок и пролонгиран контакт со инфицирани/заболени птици или контаминирани површини. Исто така секојдневно треба да примаат антивирусни лекови против грип се додека трае контактот, се вели во препораките на Институтот за јавно здравје, пренесува Трн.

Првиот случај на болеста птичји грип во Македонија беше откриен во 2017 година во селото Мороишта на пет километри од Струга. Поради заштита од понатамошно ширење на болеста, во селото беа убиени повеќе од 3.000 кокошки и друга живина.

Ниту тогаш, ниту сега се правело драма, ниту, пак, властите најавувале дека ќе се набавуваат вакцини против птичји грип и дека луѓето ќе мора да се вакцинираат. Не се најавени карантини, не е воведена вонредна состојба, нема аларм за превентивни мерки, нема ништо за да се тврди дека се прави некаква драма.

Што се однесува до вакцина против птичји грип, Финска е првата земја во светот која почна вакцинација против птичји грип кај луѓе.

Финска планира да понуди превентивна вакцина против птичји грип на некои луѓе што работат со животни, со што Финска станува првата земја во светот која го прави ова. Нордиската земја купи вакцини за 10 илјади луѓе, секоја доаѓа во две дози, како дел од заедничка набавка на ЕУ земјите до 40 милиони дози за 15 нации од производителот CSL објави Ројтерс во јуни годинава.

Вакцината беше најавено дека ќе им биде понудена на повозрасните од 18 години и тие што имаат повисок ризик да се заразат со птичји грип поради работата или други околности, информираше финскиот Институт за јавно здравје.

Сојот H5N1 од птичјиот грип уби стотици милиони птици на светско ниво и се шири и на цицачи, вклучително и крави во САД, а во некои случаи и кај луѓе. 

Во Финска, што е првата држава што нуди превентивна вакцина против птичји грип, таа не е задолжителна и е наменета за оние што се во висок ризик да заболат од птичји грип поради тоа што работат во близок контакт на фарми со животни. Ниту еден извор во светот нема најавено вакцинација против птичји грип. Дури и на сајтот на Европската комисија наведуваат дека набавката на вакцината е за оние кои се најмногу изложени на потенцијален пренос на птичји грип од птици и животни, како што се работниците на живинарски фарми и ветеринарите.

Како што пишува Тајм магазинот, поради тоа што традиционалните вакцини против птичји грип одземаат месеци додека да бидат произведени, директорот на Центарот за контрола и превенција на болести на САД  доктор Менди Кохен рекла дека агенцијата продолжува да инвестира во нови технологии, особено оние што ќе доведат до побрзо производство на дозите.

Целта е да имаме можност да напредуваме екстремно брзо, и сакаме тоа да го направиме со мРНК платформа која дозволува побрзо производство, рекла таа на 21 јуни годинава на здравствена конференција.

Како што извести Светската здравствена организација на 29 јули годинава, промовиран е нов проект, кој цели да го забрза развојот и достапноста на кандидатите од мРНК вакцината за производство во земјите со слаб развој. Ова потврдува дека СЗО има намера да им помогне на нискобуџетните држави да добијат достапност до вакцини доколку идна пандемија на птичји грип ги загрози.

Инаку докторот спомнат во објавата, Роберт Малоун, за кој се тврди дека е изумител на мНРА технологијата која беше користена во САД за создавањето на вакцините на Фајзер и Модерна против ковид- 19, и претходно ширеше невистини во врска со ковид вакцините.

Не е точно дека Малоун ја измислил мРНК вакцината. Како и за многу други технологии, развојот на мРНК вакцината е заеднички труд на повеќе институти за истражување, три децении работи и стотици научници. Роберт Малоун придонел во раниот развој на оваа технологија за вакцинација, но не е единствениот на кого му се атрибуира мРНК вакцината.

За „Лоџикали“, Малоун самиот признал дека не ја измислил мРНК вакцината, туку дека работел на „платформата за развој на вакцина“. Тој е еден од стотиците научници вклучени во овој процес десетици години наназад.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека нема никакви драми ниту најави дека населението во државата ќе треба да се вакцинира против птичји грип. Вакцини против птичји грип нема и препораките на Институтот за јавно здравје се lицата кои се во ризик да заболат од овој вирус, да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип. Тоа е препорака, не нешто задолжително. Точно е дека се инвестира во нови технологии за производство на вакцини, но тоа нема никаква врска со моменталната ситуација на птичји грип, најмалку со ситуацијата во Зоолошката градина во Скопје. Поради сето ова, оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистинита.