Децата, бидејќи се во раст и рзвој, неопходно е да јадат што поздрава и нутритивно што побогата храна. Во исто време мора да се зајакне свеста за важноста на појадокот, кој мора да е составен од што поздрави намирници. Ова беше пораката на Меѓународното училиште НОВА, во кое ученици слушаа предавање од одгледувачка на пчели за производството и важноста на пчелните производи во исхраната. Настанот беше организиран во рамки на традиционалниот словенечки „Мој појадок“, кој се одржа во ова училиште, под покровителство на Амбасадата на Словенија во земјава.

Амбасадорот Грегор Прескер, кажа дека веќе 14 години овој настан се одржува во Словенија и дека во него учествуваат сите училишта и градинки.

„Целта е да се зајакне свеста за важноста на појадокот, а во исто време тој појадок да е што е можно поздрав, односно да биде составен од леб, путер, овошје, јаболко, мед. Храната да е што посвежа и да се користи што помалку транспорт и хемиски средства за конзервирање на храната. Децата кои се во развој треба да знаат како таа се произведува, а медот е важна намирница, па затоа денеска зборувавме за него. Целта е да ги едуцираме за важноста на био храната и органската храна“, рече Прескер, кој истакна дека во исто време, целта на настанот е и да им се даде поддршка на локалните произведувачи на храна, односно на фармерите и на пчеларите.

„Тие самите знаат дека нивната дејност е важна за целото општество, а децата треба да знаат дека тие луѓе се важни во нашите животи“, додаде амбасадорот.

Иван Новаковски, директорот на НОВА истакна дека втора година по ред во училиштето се прави промоција на здравиот начин на живот.

„Новите статистики во поглед на гојазност од нашата земја се загрижувачки, тие се одраз на западниот начин на живеење. И нам ни се случува брза храна, процесирана храна. Навиките за здрава храна од минатото веќе ги нема. Сега и од нас возрасните се бара да ги промениме навиките за да го немаме проблемот кој западните општества го имаат, а еден од нив е епидемијата на гојазност. Треба да се запрашаме што можеме да направиме и во другите училишта, оти децата не се свесни што консумираат. Дел од таа храна пропатувала низ океани за да стигне кај нас, а истата ја имаме во нашето опкружување“, рече Новаковски.

Учениците во НОВА се интересираа за пчелните производи и за процесот на производство на мед. Фото: Мета.мк

Весна Биљарска, одгледувачка на пчели на децата им ги презентираше придобивките од медот и зворуваше за начинот на производство на мед. На учениците им беше интересен сандукот за пчели кој имаа можност да го видат и допрат.

„Медот е здрава и корисна намирница која влијае меѓу другото и на способноста за учење. Јас и како родител и како наставник, постојано ја потенцирам потребата од здрава храна, а медот е една од најздравите намирници“, вели Биљарска.

На прашањето како да се препознае вистински мед, со оглед на тоа дека на пазарот има мед кој е полн со шеќер, таа вели дека има неколку работи кои треба да се имаат предвид.

Прв показател е вкусот, на вкус се забележува разликата. Второ, медот треба да кристализира, тоа е доказ дека е медот квалитетен. И трето, ако се стави на лепче, не треба медот да биде впиен, туку да остане над лебот“, појасни Биљарска.

Таа кажа дека секоја година сè помалку мед може да се извади од една кошница.

„Ако пред 50 години имало 60 кг од една кошница, сега тој број е паднат на 25. Нашите планински медови паѓаат дури и на 8 килограми, што е многу малку. Затоа треба да се поттикне зголемувањето бројот на пчелари, младите да се бават со оваа дејност“, додаде Биљарска.