Погледнете го 14-минутното видео од најновата „Зелда“ игра

Скриншот од Трејлер за играта Legend of Zelda: Tears of the Kingdom

Најновата „Зелда“ игра – Legend of Zelda: Tears of the Кingdom е најавена за 12 мај годинава и ќе биде лансирана како екслузива за конзолата Nintendo Switch. Фановите на “Зелда” се надеваат дека понатаму ќе може да се игра и на персонален компјутер, но и на другите конзоли. Играта, исто како и претходната, е одлично сработена во стилот на анимираните филмови од „Studio Ghibli“ со прекрасни пејзажи на природа и иновативни и нови механики во играта.

Повелете и проследете го видеото:

Дел од новите механики во играта е што можете да комбинирате „сè со сè“ – па така, ако на пример комбинирате гранка од дрво со камен, правите боздоган. Исто така, можете да правите сплавови со кои би пловеле преку водени површини, или пак летала, а поголемиот дел од играта изобилува со интерактивни предмети од секаков вид. На пример, со моќта наречена „Recall“ можете да вратите време за движење на предмет како што е прикажано во видеото погоре, додека со опцијата „Fuse“ можете да спојувате предмети за интересни комбинации и да правите импровизирани оружја. Така, ако ставите леден елемент на вашите стрели можете да замрзнувате непријатели или, пак, ако ловите птици со лак и стрели можете на стрелите да ставите око кое ќе ги претвори во пратечки проектили и треба да стрелате во генерален правец на птицата што лета за да ја уловите.

Има додадено и нови карактеристики и вештини, како на пример способноста да се пробиете преку секој таван – ако има таван над вас, што го заменува качувањето со кое се троши “стамина”. 

Исто така, креаторите на играта велат дека има многу опции за комбинирање на предмети што прават различни ефекти, така што играчите можат да ја употребат имагинацијата и да се обидуваат и со свои комбинации кои не се прикажани во видеото.