Поетична визуелизација на интимноста преку „Гол живот“ што ќе се одржи утре во МКЦ

Фото: „Прво па женско“

Оваа сабота, во рамки на фестивалот „Прво па женско“ ќе се одржи перформансот „Гол живот“ на Оља Грубиќ и Виа Негатива од Љубљана.

„Гол живот“ нѐ повикува да размислиме што значи да се биде вид на живо суштество во светот, да се има тело, услови за постоење, можност за живот? Идеологијата не е решение. Животот е надвор од тоа. Преку поетскиот јазик, „Гол живот“ ја визуелизира интимноста на животното присуство на човечкото тело и динамиката помеѓу неговото физичко, ментално и емоционално постоење“, стои во најавата за настанот.

Перформансот ќе започне во 19:00 часот и ќе се одржи во денсинг салата на Младинскиот култерн центар и со тоа завршува програмата на пролетното десетто, воедно и јубилејно издание на фестивалот на култура и активизам што годинава исто така парави паралела со феминистичкото движење на овие простори.

Во описот за „Гол живот“ што е концептуална идеја на една од изведувачките, Оља Грубиќ се вели: „Голите женски фигури бараат место во публиката, на сцената, покрај ѕидовите во просторот. Рендањето зеленчук има централна улога во перформансот: изведувачките рендаат моркови, тиквички и краставици во сексуално обележани положби. Жената е претставена како домаќинка и сексуален објект во еден чин, а во исто време, фрагменти од менталниот тек на изведувачот се расплетуваат паралелно со звукот“.

По перформансот следува забава на платото на МКЦ со DJ Џано Куч(е), информираат организаторите.

Билетите може да се набават онлајн тука или на билетарата на МКЦ.

Фестивалот е поддржан од Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура на Република Северна Македонија.