Подземните извори никој не ги чува, иако без нив речиси цела држава ќе нема вода за пиење

Фото: МЖСПП

Подземните води во земјава речиси и да немаат никаква заштита, иако цело Скопје и 70 отсто од општините пијат вода од овие извори. Министерството за животна средина денеска промовираше десетгодишна Програма за управување, користење и заштита на подземните води во С. Македонија, што ќе се реализира со поддршка од Швајцарската Влада преку Швајцарската агенција за развој и соработка и со која ќе треба да се воспостави долгорочно, повеќестепено, системско и одржливо управување со подземните водни ресурси.

Во услови кога на бројот на жители постојано расте, а со тоа и потребите од чиста вода за пиење, човештвото се соочува со климатските промени, кои директно влијаат на подземните води и ги намалуваат резервите на светско ниво. Во светот само 2,5 отсто од водите се несолени, а од нив 65 отсто се под мраз. Само 1,2 отсто од несолената вода се наоѓа над земја, а најголемите резерви на вода за пиење се под земја.

Министерката за животна средина Каја Шукова денеска порача дека властите се свесни за значењето на овие извори и дека токму затоа се почнува овој проект.

„Подземните води се ресурс што е од исклучително значење не само за одржливиот развој на државата, туку и генерално за опстанокот на екосистемите, особено во услови кога се видливи последиците од променливата клима. За успешна реализација на Програмата потребни се координирани акции во повеќе правци, вклучувајќи целосно усвојување и имплементирање на законодавната рамка за води и релевантните директиви на ЕУ, како и континуирано инвестирање во едукација на експерти за подземни води“, истакна Шукова.

Водните ресурси во земјава се нерамномерно распоредени што предизвикува недостиг на вода на повеќе локации, а во некои области, околу 40 отсто од потребите за вода не се задоволуваат за време на сушните години. Во периоди кога реките пресушуваат, квалитетот на водата е под минималните биолошки стандарди. Притисокот врз водните ресурси се очекува да расте во иднина, со порастот на населението и зголемената побарувачка за вода во земјоделството и индустријата. Климатските промени креираат дополнителен притисок и ја зголемуваат веројатноста за појава на долготрајни суши, заради што подземните води ќе имаат клучна улога во прилагодувањето на земјава на климатските промени.

Според амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман тие се свесни дека речиси 100 отсто од водата за пиење во земјава доаѓа од подземните резерви, заради што сакаат да помогнат институциите и граѓанскиот сектор да ги развијат своите капацитети за заштита и управување на подземните води. Таа информираше дека некои активности се веќе започнати со изработката на Катастар на подземни води.

„Програмата ќе трае повеќе години, ние сме тука да помогнеме долгорочно, но мора да почнеме да делуваме веднаш“, рече Улман.