Поднесени кривични пријави за излевањето моторно масло во Дебарското езеро

дебарско езеро
Извор на фотографија: Фејсбук профил на Државен инспекторат за животна средина

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека дебарска фирма е обвинета оти го истурила употребеното моторно масло во градската канализација на Дебар, коешто во март годинава заврши во Дебарското езеро и предизвика угинување на живиот свет и жестоки реакции на граѓаните и еколошките организации.

„ОВР Дебар поднесе кривична пријава против правно лице од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“ и против Т.Д.(56) од Скопје и А.Д.(55) од Дебар, одговорни лица во правниот субјект, за „несовесно работење во службата“. На 19.03.2021, одговорните лица дозволиле истек на употребено моторно масло, сопственост на правното лице, во градската канализациска мрежа, а оттука преку поток кај месноста „Трап венец“ во водите на Дебарското езеро“, се наведува во соопштението на МВР.

Одговорните лица на тој начин ја загрозиле животната средина и околината и постапиле спротивно на одредбите од Законот за управување со отпад, Законот за животна средина и од Правилникот за постапките и начинот за собирање, транспортирање, преработка, складирање, третман и отстранување на отпадните масла, велат од МВР.

По реакциите на граѓаните и еколошките организации, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) излезе на терен и поведе истрага за изворот на загадување на Дебарското езеро. Од ДИЖС посочија дека за стореното дело предвидена е казна затвор во траење од четири до десет години или парична казна.