Поделбата на родителското отсуство овозможува промена на вредностите и тоа може да влијае на тоа повеќе жени да се решат да бидат активни на пазарот на труд. Трошоците врз буџетот се зголемуваат, но користа од вклучувањето на повеќе жени на пазарот на труд дава подобра макроекономска слика за македонската економија. Ова го истакна Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, на вебинарот кој денеска се одржа на тема „Регулирање на мајчинското и татковското отсуство – влијание врз трошоците и промена на родовите вредности“. На вебинарот учествуваат претставници на регионални граѓански организации кои работат на проекти за родова еднаквост.
Од 2 август минатата година, земјите на ЕУ започнаа со примена на Директивата (ЕУ) 2019/1158 за рамнотежа помеѓу работата и животот на родителите и старателите, која предвидува одредби за мајчинското, татковството и отсуството на старателите. Од друга страна, во дел од земјите од Западен Балкан и Молдавија, сè уште се дебатира за потребните реформи за усогласување на домашните закони за работни односи со законодавството на ЕУ.
Јелена Перанич Атинел, правна асистентка во Европската комисија, во своето излагање кажа дека новата европска директива за балансот меѓу работата и животот на родителите покрива важни теми, како што се: родителско отсуство и флексибилно работно време, но не го покрива и породилното отсуство кое е регулирано со претходната директива која е на сила.
„Оваа директива е важна точка за законите во однос на ЕУ изедначувањето, а се однесуваат на приватниот и на работниот живот. Тука се вклучени правата за барање на флексибилна работа, но има и нови права, како што се правото на татковство и правото на отсуство за нега. Ова не е нешто што е сосема ново, оти некои одредби постоеја и претходно, но сега се модернизирани постоечките правни рамки“, рече Пеаниќ Атинел.
Во фокусот – татковското отсуство
Во оваа директива, во фокусот е правото на отсуство на татковците, заедно со одредени иницијативи кои ќе ги поттикнува татковците да земат отсуство. Оваа директива вклучува нов пристап кој го немаше во минатото во законодавството на ЕУ. Се воведува можност за флексибилно работно време и грижа, а фокусот е на животниот циклус и на можноста татковците да се грижат и за постари и за болни деца во семејството.
„Тоа што сега го имаме е нееднаква состојба и оттука директивата во фокусот ги стави овие три вида на отсуство – татковско отсуство, отсуство за нега и родителско отсуство“, додаде Пераниќ Атинел.
Татковското отсуство треба да трае 10 работни дена и е креирано за родителите да го земат веднаш по раѓањето на детето.
„Таткото треба да се грижи за детето. Се стремиме кон рано креирање врска меѓу детето и таткото, и тоа треба да го поттикне на одговорност и грижа. Работниците мора да добијат вакво право и мора да бидат исплатени онолку колку што е националниот износ за боледување. Ова отсуство, од таткото мора да се земе кога детето е родено, не може да се земе подоцна“, појасни Пераниќ Атинел.
Таа информираше дека ново отсуство е отсуството за нега и грижа, кое сега трае најмалку пет работни денови. Постои можност за дизајнирање на ова отсуство според желбите на државите-членки на ЕУ. Во овој случај нема компензација, но тоа не значи дека државите-членки не треба да го платат тоа отсуство.
Она што е новина е и флексибилното работно време. Ова отсуство родителите на деца до 8-годишна возраст можат да го побараат, а тоа подразбира намален број на работни часови, како и флексибилност во однос на местото на работа, односно да се работи од дома. Сепак, ова право не е апсолутно, а тоа значи дека работникот има право да побара, но работодавачот може да го одбие ако има причина за тоа.
Промена на Законот за работни односи
Марија Ристевска, директорката на Центарот за истражување и креирање политики, кажа дека овој центар ги следи нееднаквостите во земјата и во регионот. Најголема нееднаквост во земјите на Западен Балкан и во Македонија кажа дека се забележува во неплатената работа во домот која ги отсликува нееднаквите улоги на грижа кои мажите и жените ги имаат во однос на семејните обврски.
„Оттаму, нашата организација, иако немаше средства насочени кон ова прашање за регулирањето на татковското отсуство, реши целокупниот дел од средствата кои доаѓаат од советодавни услуги на организацијата да бидат насочени кон анализи и за развивање модел кој ќе овозможи кампања за промена на Законот за работни односи. Така, во 2018 година, направивме анализа на јавни политики, која се вика „Двојно заработуваш, двојно се грижиш“. Оваа кратка анализа ги презентира моделот кој го развивме и кој се однесува на регулирање на неколку вида на отсуство од работа“, информира Ристеска.
Оваа анализа на ЦИКП била препознаена од МТСП и ЕУ, па во рамки на проект кој бил финансиран од ЕУ, двајца експерти од ЦИКП учествувале во давање совети за тоа како да се унапреди Законот за работни односи, за кој годинава започна и јавна дебата.
„Мајката отсуствува девет месеци од раѓањето на бебето. Новиот предлог кој во моментов е во дебата, предвидува трансформација на отсуството и поделба во две отсуства, а тоа е мајчинско и родителско (поделено подеднакво меѓу мајката и таткото). Министерството за труд и социјална политика предложи целосно усогласување со ЕУ директивата и промена на Законот за работни однос“, појасни директорката Ристеска.
Трошоците на товар на државата и на работодавачите
Во однос на тоа, кој ќе ги поднесе трошоците, во предлогот има делење на трошоците, при што државниот буџет ги презема сите трошоци со мајчинско и родителско отсуство, а татковското и отсуството за грижа и заради лични причини, треба да биде поделено со работодавачот (од приватниот или јавниот сектор).
„Најмногу влијание ќе има ако се воведат флексибилните работни ангажмани. Воведувањето на татковското отсуство, само по себе нема големо макроекономско влијание, поделбата на родителското отсуство овозможува промена на вредностите и тоа може да влијае да повеќе жени се решат да бидат активни на пазарот на труд. Трошоците врз буџетот се зголемуваат, но користа од вклучувањето на повеќе жени на пазарот на труд, дава подобра макроекономска слика за македонската економија. Се надевам дека дебата што ќе следи, ќе значи повеќе поддршка на Законот за работни односи кој е целосно усогласен со ЕУ директива“, истакна Ристеска.
На вебинарот свое обраќање имаше и Славица Стриковиќ, директорка на Женска акција, родов консултант и тренер од Црна Гора, која зборуваше за приликите во оваа земја.
„Во Црна Гора родителско отсуство се користи 365 денови од раѓањето на детето. Ако мајката е невработена, вработениот татко може да користи право на родителско отсуство и правото на родителско отсуство не е условено од постоење на брачна заедница. Ова е многу полиберално во однос на она што го имавме како законско решение порано“, рече Стриковиќ.
Со овој вебинар, целта е да се подигне свеста за Директивата на ЕУ за рамнотежа помеѓу работата и животот на родителите и старателите и статусот за нејзиното спроведување во Западен Балкан и Молдавија. Ваквите дискусии предизвикаа расправа и за трошоците и придобивките, вклучително и промената на родовите вредности кои можат да произлезат од усогласувањето на домашното законодавство со директивата на ЕУ.
Вебинарот е организиран како дел од двата проекти „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста за родова еднаквост во Западен Балкан и Молдавија“, поддржан од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка и проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“, финансиран од Европската Унија.