fbpx

Поддршка од 35 милиони денари за извоз на флаширано вино и земјоделски преработки

-

Владата на Република Македонија ја усвои програмата за финансиска поддршка на маркетингот на земјоделски производи за 2015 година, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

Основна цел на оваа програма е финансиски да се поддржи пласманот на македонски квалитетни производи на надворешни пазари и тоа преку покривање на дел од трошоците за амбалажа на преработени земјоделски производи наменети за извоз. Со давањето поддршка за амбалажирање, се влијае на зголемување на квалитетот на земјоделските производи, и тоа преку зголемување на додадената вредност на производот и постигнување повисоки пазарни цени на странските пазари, што ќе обезбеди позитивни ефекти за приходот на компаниите, но и за девизниот прилив за земјата.

– За оваа намена се обезбедени и ќе бидат алоцирани 35 милиони денари, средства со кои ќе бидат поддржани поголем број мерки, од кои би сакале да ги акцентираме финансиската поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на флашираното вино за извоз и финансиската поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на преработените земјоделски производи наменети за извоз – рече Ѓорѓиев.

Помошта за трошоци за амбалажа на извезен преработен земјоделски производ се однесува на производи од конзервната индустрија кои се извезуваат во стаклена амбалажа. Помошта се исплаќа во висина до најмногу 4 денари за еден килограм извезен производ и е наменета да покрие дел од трошоците за стаклена амбалажа, капак, етикети и друго.

– Оваа програма се реализира веќе неколку години и, според информациите од компаниите, дава позитивни резултати и ефекти. Оваа и другите мерки што ги реализираме, како што се директните плаќања и редовните субвенции, кофинансирање на дел од трошоците за набавка на земјоделска опрема, имаат придонес во позитивниот тренд на континуиран пораст на извозот на виното и на земјоделските преработени производи – истакна Ѓорѓиев.

Во 2014 година, првпат по склучувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, во целост е искористена безцаринска квота за извоз на вино во шишиња во земјите-членки на Европска Унија, заклучно со 8 декември 2014 година. Извозот на вино во 2014 година бележи сериозен пораст од 34 проценти во поглед на количеството и 48 проценти во поглед на остварена вредност на извозот. Досега само преку оваа мерка се исплатени 38,7 милиони денари за извоз на повеќе од 16 милиони шишиња вино, а помошта ја искористиле 25 регистрирани винарски визби. Како резултат, пак, на комбинација од мерки за маркетинг и за пласман, извозот на конзервиран зеленчук е во пораст од околу 10 проценти во 2014 во споредба со 2012 година.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...