Директна финансиска поддршка во висина од вкупно 17,2 милиони евра ќе добијат 400 домашни компании за да го ублажат ударот врз работењето што го имаат како последица на ковид кризата, одлучи Владата на синоќешната 19 седница.

„Средства се дел од третиот пакет мерки, наменети се за опоравување на домашната економија за време на здравствено-економската криза, а ќе ги добијат 400 компании, со цел амортизирање на ударот врз домашните бизниси, преку стимулирање на приватната потрошувачка, со фокус на домашната понуда, директна финансиска поддршка и поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и работните места“, соопшти Владата, по вчерашната седница на која се утврдија Предлог-буџетот на РСМ за 2021 година и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2021 година, кои ќе се достават во Собранието и деновиве ќе бидат детално презентирани пред јавноста.

Во врска со мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост ковид-19 периодот, според Извештајот на Kомисијата за оцена на пријавите на деловните субјекти, Министерството за економија е задолжено да склучува договори со компаниите на кои ќе им бидат одобрени средствата.

„Висината на финансиската поддршка е 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план, но не повеќе од: 40.000 евра за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, не повисок од 1.000.000 евра; 100.000 евра за деловни субјекти со вкупен приход лани 1.000.001 евра до 10.000.000. евра; 140.000 евра за оние компании со остварен вкупен приход во минатата година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра и 200.000 евра за деловни субјекти со вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра и повеќе од 50.000.000 евра“, информира Владата.
Средствата ќе се исплатувата во денарска противвредност, а деталните информации околу доделувањето на финансиската помош се најавуваат дека ќе бидат презентирани во јавноста во наредните денови.

Инаку, третиот пакет економски мерки се донесе за заживување на домашната економија, преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството во услови на ковид-19, а го усвои претходниот состав на владата на 17 мај годинава.

Тој беше со цел да се зголеми потрошувачката и да се стимулира заштита, промоција и раст на домашната економија, со зголемување на конкурентноста на компаниите.

Овој трет пакет мерки е систематизиран во 3 главни столбови: платежни картички за граѓаните, директна поддршка на стопанството-иновативност и развој за зачувување на постојните и нови работни места и поддршка на земјоделците.

Вредноста на третиот економски пакет изнесува 355 милиони евра, или 5,5 отсто од домашниот БДП, а со нив се опфатени 730.000 корисници.