fbpx

Под притисок на корона кризата, македонската економија отиде во минус од 12,7 отсто

-

Домашната економија продолжува да ги бележи негативните последици од корона пандемијата. После падот на бруто домашниот производ (БДП) од минимални 0,2 отсто во првото тримесечје од годинава, Државниот завод за статистика денеска објави дека намалувањето на БДП во второто тримесечје изнесува минус 12,7 отсто, што беше очекувано ако се има предвид дека првите три месеци од годинава реално не можеа да се ефектуираат вистинските економски последици од ковид-19 кризата.

Пораст во второто тримесечје, според ДЗС, има само кај секторите земјоделство, шумарство и рибарство од 4,5 отсто, и кај јавната управа и одбрана, задолжителното социјално осигурување, образование и дејности на здравствена и социјална заштита од 2,2 отсто, и кај информации и комуникации од минимални 0,9 отсто.

Според ДЗС, финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2020 година номинално опаднала за 9,9 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 70,6 отсто. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се намалил за 32 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа пад во номинален износ од 30,2 отсто.

Според Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, падот на БДП очекувано има најголем интензитет во вториот квартал од годинава, а согласно на претпоставките, следните квартали ќе забележат економска консолидација со ова сегашно ниво.

„Нашите очекувањата беа дека падот на БДП во вториот квартал ќе биде најсилен за оваа година. Тоа се должи на повеќе фактори: затегнатоста во глобалната трговија која постоеше уште пред ковид-19, како и влијанието на ограничувањата на движењето врз трговската размена по почетокот на кризата, индуцираното затворање на претпријатијата (ресторани, кафулиња, шопинг молови) и падот на потрошувачката на неесенцијални добра по почетокот на пандемијата, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката“, вели Петрески за Мета.мк.

Инаку, во моментот, „Фајненс Тинк“ ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на минус 3,8 отсто, а за третиот квартал од минус 4,7 отсто. И двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата од ковид-19. „Особено, овие проекции се изградени врз претпоставки дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од ковид-19, есенва 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021“, посочува Петрески.

Проекциите на Народната банка, пак, за до крајот на годинава беа дека македонската економија годинава ќе оди во рецесија, а реалниот БДП ќе се намали за 3,5 отсто, што е за 0,1 процентен поен полошо од проекциите што ги објави Министерството за финансии. Заздравување ќе има дури идната година, кога БДП треба да порасне за 4,7 отсто.  Главен ризик за ова е пролонгирањето на здравствената криза која може да повлече пад на економијата од дополнителни 2,3 отсто.
И економиите на САД и на државите на Европската Унија, под ударот на ковид-кризата, очекувано, забележаа пад на БДП во второто тримесечје од годинава. Министерството за економија на САД објави дека падот во овој период изнесува 31,7 проценти на годишно ниво, со што минимално се ревидира проценката од минатиот месец за намалување од 32,9 проценти. Ова е најголемиот пад на американската економија, откако владата на САД ги евидентира овие статистички показатели од 1947 година.

Во Европската Унија и еврозоната, во второто тримесечје на 2020 година економските активности доживеале најголемо намалување на квартално и на годишно ниво од 1995 година. Според Евростат, во услови на пандемија на ковид-19 во повеќето земји- членки, БДП паднал за 11,9 проценти во однос на претходното тримесечје, што е најголем пад од почетокот на објавувањето на овие податоци од 1995 година. При тоа, во еврозоната, БДП паднал за 12,1 процент. За споредба, во првиот квартал годинава, падот беше 3,2 проценти на ниво на ЕУ и 3,6 проценти во еврозоната.

Во вториот квартал од 2020 година, Шпанија има најголемо намалување на БДП од 18,5 отсто. По неа следи Португалија, со пад од 14,1 отсто и Франција со пад од 13,8 отсто. Германската економија, најголема во еврозоната, паднала за 10,1 процент во вториот квартал, во споредба со претходниот. Италија забележа пад на нејзиниот БДП за 12,4 отсто, во однос на првите три месеци од годинава, а најмал пад имала Литванија, 5,1 отсто

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...