Под мотото „Лупење идеи“, „МакеДокс“ годинава носи 71 документарец на четири локации во Скопје

Извор на фотографија: Македокс, автор: Сашо Алушевски

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 13. издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“. Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.

Под мотото „Лупење идеи“, во фокус на 13. „МакеДокс“ е развојот на идеи. Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со МакеКоПроДокс форумот, кои делумно ќе се одржат онлајн.

Филмската програма на 13. „МакеДокс“ содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но како значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка, како и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

Главната програма содржи 9 филмови, во селекцијата Нови автори има 11 филмови, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филмови. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филмови. Земја во фокус е Чешка Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филмови.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастерклас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „МакеДокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август ќе биде отворена фото-изложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

По завршувањето на фестивалот, „МакеДокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски МакеДокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Doc Around Europe“.