fbpx

ПОЦ со три нови паркиралишта во Центар, во Карпош сè уште се чека на зонско паркирање

-

Хроничниот проблем со недостиг на паркинг места во главниот град се решава на различен начин низ скопските општини. Двете јавни претпријатија кои управуваат со паркинзите во Скопје веќе подолг период регистрираат поголем број на издадени бесплатни дозволи за паркирање од бројот на паркинг места со коишто тие располагаат. Ситуацијата е најкритична во центарот на Скопје, каде што повластена паркинг карта за жителите не значи дека и ќе најдат слободно место за паркирање околу нивните згради.

Од ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) за „Мета.мк“ велат дека годинава пуштиле во употреба три нови паркиралишта од затворен тип „Палома Бјанка“, „Киро Глигоров“ и „Дилајла“ со дополнителни 360 паркинг места. Во моментов од ЈП ПОЦ чекаат одобрение од Град Скопје за поставување на монтажната катна гаража помеѓу бараките на Општина Центар и Министерството за одбрана, а паркинг просторот на оваа локација веќе е асфалтиран.

Изградбата на монтажната катна гаража во населбата Капиштец кај ДТЦ „Дилајла“ е планирано да започне со реализација следната година. Од ЈП ПОЦ нагласуваат дека нивното претпријатие се соочило со голема финансиска загуба како резултат на пандемијата предизвикана од ковид-19.

„Во вториот квартал од 2020 година, со оглед на очекуваната добивка и пресметаната загуба, претпријатието претрпе загуба од околу 14.000.000 денари“ велат од ЈП ПОЦ.

Во меѓувреме, бројот на регистрирани возила на територијата на Општина Центар продолжил да расте и во 2019 година. Во Центар во 2018 година имало 23.415 регистрирани автомобили, додека лани оваа бројка се искачила на 24.544, според податоците на Државниот завод за статистика. Проблемот со пронаоѓање на паркинг места има не само на паркинзите на ЈП ПОЦ, туку и на оние на ЈП „Градски паркинг“.

Заклучно со декември 2019 година, ЈП „Градски паркинг“ располагал со 8.999 паркинг места во главниот град, додека имал издадено 113.963 бесплатни дозволи за паркирање на станарите кај зонското паркирање и кај јавните паркиралишта во општините Центар и Аеродром. Огромен проблем со паркирањето имаат и жителите на Општина Карпош, која што лани спроведе анкета меѓу населението за да осознае дали се за воведување на зонско паркирање во Карпош.

Огромно мнозинство од жителите на населбите Карпош 1 и 2 се согласија на воведување на зонското паркирање, но до денешен ден идејата не е реализирана. Од Општина Карпош не добивме одговори на поставените прашања за оваа тема, но во изјава за други медиуми, градоначалникот Стефан Богоев вели дека наскоро ќе почне да се применува зонското паркирање во овие две населби, во соработка со ЈП „Градски паркинг“.

Жителите на населбите Карпош 1 и 2 имаат голем проблем со возилата кои избегнуваат да платат паркинг во Дебар Маало и се паркираат бесплатно во овие две населби. Дополнителен проблем се и паркираните хаварисани возила и автомобили за продажба оставени од дилери на половни возила, кои ги окупираат постојните паркинг места за граѓаните.

За разлика од Карпош, посебен проблем во Центар е и различната цена за паркирање, која е присутна во центарот на Скопје откако ЈП ПОЦ годинава ја зголеми цената за паркирање на 70 денари за еден час на нивните паркинзи, а ЈП „Градски паркинг“ не усвои идентична одлука. На тој начин, притисокот со недостиг на места за паркирање се префрли на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“, каде цената за паркирање е двојно поевтина.

– Овие две претпријатија се засебни и секое претпријатие има свои ценовни политики и правилници по кои делува. ЈП Паркинзи на Општина Центар ја донесе Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење – велат од ЈП ПОЦ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...