Промената на земјата во Велес, на местото каде што се наоѓа историскиот отпад од работата на Топилницата и прочистувањето на почвата од децениските загадувања со тешки метали, ќе биде направено веднаш штом се извезат и последните количини од техногената минерална суровина. Компанијата „Кепс монт груп“, која има концесија да ја извезе троската, последица од долгогодишната работа на Топилницата, има обврска да ја изврши и ремедијацијата на земјата, која ја пропишува Б-интегрираната дозвола издадена од Општината Велес.
Во „Кепс монт груп“ велат дека штом завршат со траспортот на троската, ќе биде избран и изведувачот на ремедијацијата, а елаборатот за обнова на почвата е веќе готов. На локацијата каде што во моментов сè уште стои отпадот ќе се обнови земјата во длабина од еден метар, а предвидено е да се засадат и дрвја и други култури кои имаат улога на фитомедијатори и кои ќе ја прочистуваат почвата од остатоците од таложењето на тешките метали.
„Имаме обврска прво да завршиме со чистење и транспорт на троската, која ќе биде извезена надвор од земјата како минерална техногена суровина. Како што наложува Б- интегрираната дозвила, на крајот од тој процес, површината на која со децении лежеше отпадот ќе биде ископана во длабина од еден метар и ќе се замени со нова хумусна земја“, информираат од „Кепс монт груп“.
Кои растенија ќе се засадат ќе биде одлучено во моментот кога ќе се работи, во консултација со експерти, а проблем може да претставува фактот што на локацијата нема вода. Од компанијата велат дека се во комуникација и со Земјоделскиот факултет и очекуваат совети кои се најсоодветните култури кои ќе бидат доволно отпорни да преживеат во околината и истовремено ќе ја завршат својата услога на прочистувачи на почвата.
Ремедијацијата на почва во Велес се врши со децении наназад од страна на локалните еколошки организации, на повеќе локации низ градот. Од обидот од пред две години, резултатите беа поразувачки, бидејќи и по физичката промена на земјата и по засадувањето на маслодајна репка како фитомедијатор, присуството на тешки метали не само што не се намалува, туку се зголемува. Според анализите на земјата во велешко, направени во проектот „Да ја заштитиме почвата“, финансиран од УСАИД, присуството на тешки метали во почвата по деконтаминацијата со маслодајна репка, на длабочина до 20 сантиметри е поголемо за 0,5 пати, додека на длабочини од 20 до 40 cантиметри во почвата концентрациите се помали за 3,5 пати. Огромниот црн рид содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум…. Оставен на отворено со децении да го разнесува ветерот, претставува огромна опасност за воздухот, почвата и подземните води и е причина за повторно загадување на површинскиот слој почва. Од тие причини, велешките екологисти од невладината организација „Вила Зора“ сметаат дека додека троската е тука, ремедијацијата нема да биде успешна, па минатата година одлучија да не ја повторуваат, сè додека тешките метали не се транспортираат од Велес.
„Почвата не е самостоен систем, туку е во постојана интеракција со водата и воздухот околу неа, поради што има перманентна миграција на полутантите. Тешките метали се меѓу најсериозните загадувачи бидејќи имаат висок степен на токсичност, а мала можност за деконтаминација преку природни процеси. Тие се мобилни и веројатноста за миграција во поземните води и акумулацијата во биосистемите е многу голема. Заради тоа, сè додека се присутни, ремедијацијата нема да биде успешна“, велат во „Вила Зора“.