Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) деновиве ќе земе нови мостри на почва и примероци од подземните води во Трубарево за ново испитување после катастрофалниот пожар во кој изгоре склад со отпадна пластика и електронски отпад, но нема да ја испитува храната која се произведува во околината бидејќи за такви проверки нема добиено налог од ниту една институција.
Испитувањата на почвата и водата ќе се прават откако заврна дожд, што според препораките е еден од условите за повторување на мерењата и споредба со првите вредности кои се направија веднаш после пожарот. Од оваа институција најавија дека ќе има и трето мерење после еден месец, за да може да се споредат сите испитувања.
Првичните резултати покажаа дека почвата во Трубарево, на локацијата каде што се случи големиот пожар и каде што гореа литиумски батерии има зголемени вредности на бакар и цинк, од испитани вкупно 16 тешки метали, меѓу кои и олово, кадмиум, арсен, никел, жива, хром и други метали. Според резултатите и направените анализи, во земените примероци немаше утврдено присуство на радиоактивност во воздух, вода и почва, а исто така не беше утврдено присуство на тешки метали во водата.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска вели дека испитувањата кои не се дел од нивните годишни планови се прават на барање на институциите.
„Исто како и после пожарот, и сега после првиот дожд ќе се земат примероци од истите места, од бунарите и јавните чешми, како и од почвата на местото каде што се случи пожарот, но и од околината. Во моментов немаме насоки од Агенцијата за храна и ветеринарство за земање на примероци од храна“, вели Андоновска.
Од АХВ, пак информираат дека биле спроведени надзори кај регистрирани производители од овој регион, кои покажале дека храната е безбедна. Сепак, тие велат дека не се надлежни за храната од растително потекло во примарното земјоделско производство, туку дека тоа е Државниот инспекторат за земјоделство.
„Во однос на производството на храна за сопствена употреба во домаќинството, како што се јајца, млеко и производи од млеко, Агенцијата за храна и ветеринарство врши инспекциски надзори над регистрираните производители за директно снабдување на крајните потрошувачи и на одобрените објекти и оператори со храна од животинско потекло. Од спроведените надзори, не се детектирани отстапувања од подзаконските акти за безбедност и квалитет на храна“, посочуваат од Агенцијата.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека Државниот инспекторат за земјоделство има обврски и надлежностите поврзани со здравствената заштита на растенијата, во делот за утврдување на присуство на штетни организми кај растенијата и примената на фитофармацевски производи за нивна заштита, а контролата на безбедноста на храната од растително потекло и нејзиното пуштање во промет на пазарите е во надлежност на АХВ.
Катастрофалниот пожар во Трубарево, на површина изнесе уште еден проблем, а тоа е долгата подготовка на законот за почви. Според професорот во пензија на Институтот по хемија, Трајче Стафилов, Македонија, бидејќи нема закон за заштита на почвите ниту пак Правилник за дозволените максимални вредности на сусптанци во почвите, нема ниту основа на која би се направиле мерања и споредби на потенцијалната контаминација на почвите во Трубарево и околината по катастрофалниот пожар. Стафилов вели дека досега сите истражувања кои се правени во земјава и со кои тој го направи Геохемискиот атлас се споредувани со холандските стандарди, кои имаат две вредности максимална и интервентна.
„Практично, не знаеме што да анализираме и со што да го споредиме. Холандските стандарди не можат буквално да се пренесат кај нас, иако тоа го направи Србија, туку треба да се направи прилагодување заради природните карактеристики на почвата, како што направи Хрватска. Законот се подготвува веќе неколку години, но се уште не е готов, па заради тоа немаме ниту Правилник“, вели Стафилов и посочува дека испитувања на почвата во Трубарево и околината треба да се направат, но прво треба да се утврди подрачјето за кое се смета дека може да биде контаминирано.
Експерти коментираат дека тешките метали не се очекуваат во мерењата за време на пожарот или непосредно после него, како што и покажаа испитувањата на Институтот за јавно здравје, туку подоцна. Тие препорачуават контролните испитувања на почвата да се повторат неколкупати, а задолжително после првиот дожд, бидејќи тогаш лебдечките честички ќе се наталожат и ќе ја контаминираат почвата. Велат дека е многу важно прецизно да се определи подрачјето кое што се смета за контаминирано, врз основа на ружата на ветрови, но и да се утврдат геолошките карактеристики на почвата во тој дел. Примероците треба да се испитаат за тешки метали, но и за диоксини и фурани и други загадувачи, кои се исто така многу опасни за човековото здравје. Мора да се направат контроли и на подземните води, а особено на храната од растително, но и од животинско потекло, која е произведена во околината.
Од Министерството за животна средина информираат дека, според протоколот, испитувањата на воздухот, водата и почвата во Трубарево ќе се изработат после првиот дожд и после еден месец.
„Во моментов првичните испитувања кои ги направија Институтот за јавно здравје и приватна лабораторија потврдуваат дека вредностите се во ред, а нема ниту препораки дека зеленчукот и овошјето не треба да се консумираат“, велат од Министерството.
Сепак, од Министерството не соопштуваат дали е веќе определено засегнатото подрачје од кое ќе треба да се земат примероци и колкава е неговата големина, ниту пак дали ќе биде направена програма за мониторинг на ова подрачје и за во иднина, за колкав период и какви испитувања ќе треба да се прават за да се осигура локалното население дека почвата и подземните води се безбедни.
Од Министерсвото информираа дека законот за почви се работи, но не прецизираа во која фаза. Велат дека во најбрз рок ќе биде поставен на ЕНЕР, но не посочуваат дотогаш со кои вредности ќе се споредуваат испитувањата кои ќе се прават во Трубарево.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека досега ниту една институција не се обратила до нив за да побара изработка на ружата на ветрови, заради утврдување на движењето на потенцијлната контаминација на околината после пожарот. Сепак, од институцијата велат дека во нивните дневни метеоролошки прогнози тие вклучуваат и тековни податоци за правецот и брзината на ветерот, кои можат да послужат за истата намена. Овие податоци се јавно објавени и за денот на пожарот во Трубарево и се на располагање на институциите.