Почнуваат уписите на УКИМ, слободни 9.921 место за бруцошите

Најмногу слободни места и годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) – вкупно 1.030, по што следува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со 1.020 слободни места

фото: Мета.мк

Денес и утре е првиот уписен рок за новите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. На најстариот и најголем државен универзитет се предвидени вкупно 9.921 слободно место за бруцошите. Од нив, 4.761 се за редовни студенти во државна квота, додека 4.210 се предвидени за редовни студенти со кофинансирање, а 950 места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места и годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) – вкупно 1.030, по што следува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со 1.020 слободни места. Меѓу факултетите на кои има најмногу слободни места за бруцошите во рамки на УКИМ се и Филозофскиот факултет (895), Филолошкиот (790), Правниот (705) и Економскиот (700).

Износот на партиципацијата за студирање за редовните студенти во државна квота е непроменета и останува 200 евра годишно. Како и во минатите години, редовните студенти што ќе ги кофинансираат студиите и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно.

Прелиминарните резултати ќе бидат објавени во вторник, на 3 септември, додека конечната ран-листа со решение за прием на кандидатите се очекува следниот петок, на 6 септември.

Запишувањето, пак, е на 11 и 12 септември.

Вториот уписен рок за прием на студенти на оние студиски програми на кои останале слободни места ќе биде на 17 и 18 септември, а третиот на 27 септември.