fbpx

Почнуваат подготовките за избори, Владата ја задолжи ДИК да ги ажурира избирачките списоци

-

Владата на денешната седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата за прашања поврзани со изборниот процес. Според неа, се задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа Уредба, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик. Односно, листата на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите, до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. Исто така МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба, соопштија од Владата.

Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа Уредба, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните.

„Со денот на влегувањето во сила на оваа Уредба, ДИК и ДЗС се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список, прекинати на 21 март 2020 година. ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик“, стои во владиното соопштение.

Министерството за здравство, според протоколите од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, по добиени податоци од ДИК, треба да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

На седницата на Владата единствен кој гласаше против оваа уредба беше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Владата донесе и Уредба за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со ковид-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.

Усвоени беа и измени и дополнувања на програмата за развој на туризмот за 2020 година со програма за субвенции за кофинансирање на настани, обуки, семинари и конференции за оваа година. Ќе се кофинансираат трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 30.000 денари.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...