Новата Европска комисија(ЕК), на чело со поранешниот премиер на Луксембург и лидер на еврогрупата, Жан Клод Јункер, денеска го почнува својот мандат.

Комисијата, всушност, првпат ќе има двајца лидери бидејќи е предвидена и функција прв потпретседател, позиција на која е именуван холандскиот социјалдемократ Франс Тимерманс.

Тимерманс ќе биде координатор на Комисијата. Овој дипломат, полиглот и поранешен шеф на холандската дипломатија, остави силен впечаток за време на сослушувањето пред Парламентот и многу европски функционери веќе го сметаат за вистински шеф на Комисијата.

Комисијата, покрај шефицата на европската дипломатија, ќе има уште шест потпретседатели, чија поддршка ќе биде потребна за иницијативите на комесарите, што е новитет во работата на овој орган.