Почнува онлајн кампања за медиумска писменост

Извор: Фејсбук страница на Мрежата за медиумска писменост

По повод четири години од основањето на Мрежата на медиумска писменост, денеска започна нова онлајн кампања за медиумска писменост, со која во следните десет недели, во текот на секој работен ден, ќе се споделува по еден постер со информации, со цел да се подигне свеста за потребата од критичко мислење на медиумите и медиумските содржини.

„За што ви е потребна медиумската писменост?; Како медиумската писменост се однесува на образованието, медиумите, филмот, библиотеките; Што значи да си новинар?; Одговорност во онлајн просторот; Говор на омраза; Гласини; Интеркултурни комуникации – Мрежата за медиумска писменост ќе се потруди да одговори на сето ова и на уште многу други теми и прашања преку својата најнова онлајн кампања која стартува денес“, се вели во соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со кампањата се отвораат два нови канали за комуникација на Мрежата со граѓаните преку Твитер @MediumPismenost и на Инстаграм @mrezazamediumskapismenost, односно постерите ќе бидат објавувани преку нив, како и преку Фејсбук-страницата на Мрежата @MrezaZaMediumskaPismenost.

Кампањата се реализира по повод основањето на Мрежата за медиумска писменост на 27 април 2017 година, на иницијатива од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од 35 членки (институции, граѓански организации, образовни институции и медиуми), а сега има 63 членови.