Почнува кампањата „Носи кацига, вози безбедно!“ за намалување на бројот на жртви на сообраќајниците

Фото: МВР

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата(РСБСП) и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот.

Денеска во Охрид почна новата превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно!“.

„РСБСП во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје ја реализираат кампањата за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети затоа што во овој временски период зголемен е бројот на учесници во сообраќајот како велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети. Целта на оваа кампања е овие превозни средства да бидат соодветно означени, возачите да ги почитуваат правилата и прописите и задолжително да носат заштитен шлем- кацига, а возачите на електричен тротинет задолжително треба да носат рефелектирачки елек од почетокот на самрак до разденување“, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска

Помошник-министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.

„Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Оваа кампања што денеска ја почнуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот“, рече Ангеловски.