Собранието денеска напладне на 75 пленарна седница ќе ја почне расправата за утврдување на предлог-амандманите од Уставот со што треба да се заокружи процесот за спроведување на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името.

На седницата пратениците ќе го гласаат и Уставниот закон за спроведување на амандманите за измена на Уставот.

Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Oдредбите што се однесуваат на правата на припадниците на заедниците, Собранието ги донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.

По прогласувањето на амандманите на Уставот, започнува постапката за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот.

Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По донесувањето на уставниот закон Собранието донесува одлука за прогласување на уставниот закон со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Со вториот амандман во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“ и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третиот амандман се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува републиката да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.