Извор на фотографија: СДСМ

Во скопскиот суд денеска почна судскиот процес по тужбата за клевета што ја поднесе премиерот Зоран Заев против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тужбата следува откако Николовски ја дал изјавата дека „Заев е врвот на пирамидата во случајот Рекет“.

Премиерот Зоран Заев очекува судот да докаже дека Александар Николоски неосновано клеветел за случајот Рекет.

„Јас тврдам дека овој процес е целосно масло на ВМРО-ДПМНЕ во делот на неговата позадина и секако за сите овие негови наоди без аргументирано тврдење, обвинувајќи ме токму мене, барам кривична одговорност“, истакна премиерот Зоран Заев.

Заев посочи дека тврдењата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски не се поткрепени со никакви докази и аргументи, и дека очекува процесот пред судот тоа и да го покаже и Николоски да биде казнет за јавно изречените клевети.

По судското рочиште, со изјава се појави и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој рече дека е задоволен од судското рочиште и се надева дека ќе продолжи коректниот однос.

„Сметам дека врз основа на сите сознанија кои што сум ги имал тогаш, сум имал доволно мотив да поверувам во вистинитоста на мојот исказ, затоа сум го дал истиот. Тој исказ не бил демантиран ниту од Зоран Заев, ниту од СДСМ, ниту од Владата. После 20-ина дена сум го повторил исказот и исто така не бил демантиран и очигледно желбата на Зоран Заев е да се гледаме во суд“, изјави Александар Николоски, кој додаде дека како доказ ја прикажал снимката на осудениот на 9 години затвор за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, во која тој изјавува дека „парите од Рекет треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“.

Премиерот Зоран Заев во денешната изјава потенцираше дека со пресудите за Бојан Јовановски и Катица Јанева во случајот „Рекет“ се потврдило кој е виновен за рекетирањето на бизнисмени и за колку точно пари станува збор.