Фото: Мета.мк

Во Кривичниот суд во Скопје денеска започна првото рочиште од судскиот процес за издавањето фалсификувани пасоши, во кој се опфатени вработени во МВР и еден посредник. Петмина од нив во судницата се изјаснија за виновни, а една обвинета, којашто отсуствуваше на судењето, преку својот адвокат исто така ја призна вината. Други петмина обвинети, пак, се изјаснија како невини.

Постапката за обвинетите што се изјаснија како невини денеска беше издвоена, и нивното судење ќе продолжи в петок. Судењето на оние што се изјаснија како виновни продолжува денеска и се очекува во текот на денешниот ден да бидат изнесени завршните зборови.

Обвинителката Андонова рече дека заедно со обезбедените докази и преку ПИ мерки е направен и албум со фотографии и податоци за 215 патни исправи, каде се покажува чиј идентитет е искористен за кое лице. Еден од тие пасоши му бил даден на бегалецот Горан Грујевски, кој како поранешен началник во Петтата управа на УБК е осуден на 15 години затвор во случајот „Трезор“ и на уште 15 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина“.