Министерство за животна средина и просторно планирање почна со уредување опремување на Централната лабораторија на Министерството, кое треба да му претходи на процесот на акредитација. Деновиве е објавен оглас за јавни набавки во вредност од 41 илјада евра за изведување на работи на Реконструкција и адаптација на просториите на Централна лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Процесот на акредитација ќе биде долготраен и освен уредувањето на просториите на Централната лабораторија треба да опфати и доопремување на сегашната апаратура и инструменти, а потоа и избор на консултантска куќа која треба да го води процесот на акредитирање на методите за работа на лабораторијата.

Откако ќе биде акредитирана, Лабораторијата на МЖСПП ќе треба да претставува важна алка во синџирот на заштита на животната средина со основна задача на утврдување на постоење на загадувањето и на изворите на штетните емисии во воздухот, водата и почвата, помагајќи им на инспекциите за животна средина во утврдувањето на тоа кој, колку и каде загадува. Иако постои уште од осумдесетите години на минатиот век, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година, оваа Лабораторија се уште не е акредитирана за своите методи на работа, а испитувањата што ги прави, без оглед на тоа колку се прецизни, сега не можат да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите.

Поради тоа, и покрај повремените набавки на современа опрема за лабораторијата кои се вршат, донациите кои се добиваат, како и обуките на стручниот кадар со кој лабораторијата располага, таа досега беше недоволно искористен потенцијал.