Извор на фотографија: АД ЕСМ

Започна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК Битола до Битола. Од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) информираат дека со засилен интензитет се подготвува трасата низ која ќе поминува топловодот, кој ќе обезбеди парно греење за трите општини во близина на РЕК Битола – Битола, Новаци и Могила.

„Првите цевки се поставени на излезот од РЕК Битола кон Новаци, и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија која се создава како нус-производ во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини“, информираат од АД ЕСМ.

Изведувачите на работите, фирмите Рапид Билд и Гранит, во оваа фаза имаат трасирано повеќе од два километри од топловодот, обезбедувајќи работен простор за машините кои ги транспортираат и поставуваат цевките.

Почетокот на проектот за изградба на топловод до Битола, Новаци и Могила беше означен во декември минатата година.

Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската KfW банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години, односно да биде завршен најдоцна до крајот на 2023 година.

На почетокот, на топлификациониот систем ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола, кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.

„Еколошките придобивки од топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите, така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината“, соопштуваат од АД ЕСМ.

Од ЕСМ велат дека топловодот ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе се обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион.