Седум типски куќички од цврста градба наменети за престој на незгрижени лица, е проект на Општината Кочани, чија градба со е-аукција ја доби тетовската фирма „Панел М“. Со комплетирањето на документацијата, тетовската компанија ќе има рок од 15 месеци да ги изгради куќичките, каде би се сместиле семејствата, кои неколку години се веслија на диво во Старата касарна во Кочани.

„Една ламела е со вкупна бруто површина од 138 метри квадратни. Просторот наменет за домување на едно смејство ќе има приближно 30 метри квадратни за дневен престој, спална соба и бања. Ја изработивме потребната документација, обезбедивме финансирање на овој проект преку Стратегијата за ромски прашања во износ од 16 милиони денари, а со одлука на Советот од Општина Кочани издвоивме 9 милиони денари од општинскиот буџет,“ соопштија од Општина Кочани.

Изминатите две години Општина Кочани изработи Локална урбанистичко-планска документација со намена за групно домување. Парцелата со површина од 2,96 хектари е државно земјиште, коешто се наоѓа на северниот дел на Кочани, источно од Фабриката за вода.

Проблемот со домувањето на Ромите исто така е пред општините Штип и Берово. Преку заеднички проект од Европската Унија, во Штип ќе се уредуваат населбите и условите за живот, како и на легализација на 40 бесправно изградени куќи во сопственост на ромски семејства.

Ќе се работи на донесување на ДУП и ГУП за простор од 15 хектари во ромската населба во Штип. Ќе се работи на рехабилитација и реконструкција на 15 куќи на ромски семејества кои живеат во нестандардни услови, подобрување на инфраструктурата во ромската населба, реконструкција на фекална канализација, поплочување на мали улици, приклучување на дел од семјествата кон системот за снабдување со вода и струја.

Грант е во вредност од 895.400 евра, во кој 799.950 евра се средства од ЕУ, а општините Штип и Берово ќе учествуваат со сопствени средства во износ од 95.450 евра.