Извор на фотографија: Министерство за правда

Затворениците од казнено-поправната установа К’шање во Куманово се првите лица од коишто започна пописот на населението, домаќинствата и становите, кој во земјава се спроведува по речиси две децении. Во наредните две недели ќе се попишат 2.200 осудени и притворени лица во земјава.

Пред главната фаза на пописот која што почнува на 1 април, ќе се попишуваат лицата кои за време на пописот се наоѓаат во странство, во служба на Армијата, во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, лицата кои се на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив, како и бездомните лица.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, во придружба со заменик министерот за правда Агим Нухиу, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски извршија увид во текот на попишувањето на притворените и затворени лица во Казнено-поправената установа К’шање.

Во кумановскиот затвор денеска пописот започна навремено и се одвива во најдобар ред, информираат од Министерството за правда.

„Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава дека и Законот за попис и методологијата според која се спроведува пописот се направени согласно највисоките стандарди. По таа верификација сите дилеми кои беа наметнати од политичките фактори се расчистени. Сите треба да имаме доверба во пописот затоа што професионално се изведува, според точно утврдени правила и стандарди со сите заштитни мерки поврзани со Ковид-19 и можеме на еден брз и ефикасен начин да го завршиме во интерес на граѓаните“, потенцираше министерот за правда Бојан Маричиќ.

Покрај затворениците, од денеска можат да се попишат и лицата кои за време на пописот се наоѓаат во странство. Процесот ќе се одвива преку интернет-апликација, достапна исклучиво од странство. Од среда ќе почне и попишувањето на бездомните лица.

Главната фаза од попишувањето на населението, домаќинствата и становите на целата територија на Република Северна Македонија ќе почне на 1 април 2021 година, во 8:00 часот наутро, а ќе заврши на 21 април 2021 година, во 20:00 часот.