Почна новото полугодие, останаа старите проблеми и дилеми

Фото: Мета.мк

Од денеска учениците се вратија во училиштните клупи. Со почитување на протоколите кои беа на сила и во првото полугодие, започна и второто, но останаа дилемите – дали треба да се оди на училиште со физичко присуство, дали треба учениците и наставниците да носат маски, дали можеби треба да се размисли уште да се продолжи распустот со оглед на високите ковид бројки..?

Додека трае ваквата дебата која се одвива главно на социјалните мрежи и додека се расправа за тоа кое е најдоброто решение за новото полугодие, наставата во најголем број училишта во државата денеска започна со физичко присуство. Сепак, има родители кои одбиваат да ги носат нивните деца на часови, па за нив наставата ќе се одвива на далечина. Најмногу реагираат членови во Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“, од каде што велат дека сакајќи да си ги заштитат децата и возрасните во домот, нема да ги носат децата на училиште.

Денеска министерот за образование Јетон Шаќири во изјава за медиумите кажа дека постојат дополнителни две сценарија за начинот на изведување на наставата. Едното е преминување на целосно онлајн настава, а другото – примена на комбиниран модел. Тие ќе се земат предвид доколку дојде до промена на епидемиолошката состојба која постојано се следи и доколку такви насоки даде Комисијата за заразни болести и ако такви заклучоци произлезат од скринингот кој ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици одбрани по случаен избор.

„Како министерство апелираме на доследно почитување на сите мерки кои се дел од
здравствените протоколи – носење маски, одржување лична хигиена преку миење раце, држење дистанца и така натаму, за да ја задржиме наставата со физичко присуство колку што е можно повеќе, бидејќи реално дава најголема ефективност по однос на знаењето на учениците и на создавањето квалитетни генерации“, рече тој.

Денеска со соопштение излезе Сојузот на средношколци на РСМ, од каде рекоа дека во најлоша ситуација, наставата би требало да се одвива комбинирано.

„Покрај физичкото здравје, состојбата со менталното здравје на учениците беше многу влошена поради пандемијата. Одлуката наставата да се одвива во училишните клупи им овозможува социјализација на средношколците, а на училишните психолози им дава шанса да разговараат со нивните ученици околу нивното ментално здравје“, стои во соопштението.

Има и такви кои сметаат дека треба да се укине задолжителното носење маски на училиште. Но, неодамна, епидемиологот д-р Александар Стојанов кажа дека не е оправдано барањето да не се носат маски додека трае наставата, посебно не сега во период кога имаме и по над 2.000 нови ковид случаи на ден. Во време кога има сој кој брзо се шири, воопшто не е паметно децата да не носат маски.

„Не треба да забораваме дека 1 отсто од заразените со Омикрон умираат.
Сега баш не треба да се тргнат маските, не е моментот. Од друга страна, нема распространетост на вирусот меѓу децата. Дали треба да има“, праша Стојанов.

И од УНИЦЕФ се на став дека наставата со физичко присуство е подобра опција отколку наставата на далечина.

„Секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата. Одлуката да се отворат училиштата за учење во живо е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката ситуација со ковид-19 и сѐ поголемото разбирање на ризиците. Но, исто така, мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата“, кажа претставничката Патриција ди Џовани.