Почна изработката на новата Национална стратегија за млади

фото: Агенција за млади и спорт

Националната стратегија за млади е повеќе од важен документ за младите во Република Северна Македонија. Таа ги поставува основните принципи и насоки за акција на сите чинители во општеството кои ќе водат кон подобрување на социо-економската положба на младите и кон создавање на средина која ќе им овозможи на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси. Ова беше истакнато на денешниот настан на кој беше најавен почетокот на изработката на нова Национална стратегија за млади за периодот 2023-2027 година.

Согласно Законот за младинско учество и младински политики, Агенцијата за млади и спорт (АМС) е институцијата задолжена да го спроведе и координира процесот на креирање на националната стратегија за млади, а стратегијата ќе се изработува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, истакна дека целта на стратегијата е дефинирање на стратешките приоритети во областите на младинското учество, младинското информирање, младинската работа, образованието, културата, здравјето, претприемништвото и безбедноста.

„Денес младите ќе учествуваат во креирањето и спроведувањето на политиките кои директно ги засегаат, преку еднакви шанси, слобода на изразување, зголемување на квалитетот на живот, повеќе и поквалитетни работни места. Продолжуваме да креираме услови за да ги задржиме младите тука“, рече Мојсовски.

Според амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, младите мажи и жени се агенти на промената и треба да бидат слушнати и поттиканти бидејќи тие најдобро знаат што ги загрижува и кои се нивните приоритети, интереси и потреби.

„За жал, покрај пандемијата, Северна Македонија сведочи и на намалување на учеството на младите во јавниот живот и во носењето одлуки. Недостатокот од учество на младите во демократскиот живот ја ослабнува демократијата, па така императив е да се мотивираат и реангажираат младите, особено сега во носењето на одлуки на национално и локално ниво“, истакна амбасадорот Која.

Постојниот претставник на УНДП, Армен Григоријан рече дека креирањето одржливи младински политики може да биде успешно само преку широки консултативни процеси и вклученост на институциите, политичките партии, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

„Согласно последните истражувања и младинските трендови во Северна Македонија, 35 проценти од младите покажуваат особен интерес во процесот на донесување одлуки во земјата. Тоа нѐ доведува до подобро разбирање дека сега е вистинскиот момент да го адресираме овој проблем и треба да го искористиме моментот на креирање, развивање и изработка на новата Национална стретигја за млади како основен столб за поттикнување на младите да бидат архитекти во креирањето на својата иднина и во обликувањето на истата“, порача Григоријан.

На настанот се обратија и претставници на средношколците и студентите, кои ја нагласија неопходноста од активно вклучување на младите во креирањето на стратегијата која ги засега.