Почеток на градежните активности за улица Есенинова / Фото: Град Скопје

Денеска Град Скопје започна со изградба и пробивање на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада. Новоизградената улица ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.

Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71.000.000 денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.

„Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај „Тутунски комбинат“ бидејќи директната врска кон скопското сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата Есенинова.

Шилегов денеска најави интензивирање на градежната офанзива на Град Скопје. Како што рече тој, до крајот на годинава ќе почне реконструкција и изградба на над 20 сообраќајници во сите 10 скопски општини во вредност од околу 760 милиони денари во тековната и идната година.

На почетокот на градежните работи на улицата Есенинова присуствуваа и градоначалниците на Општина Кисела Вода и на Општина Центар, Филип Темелковски и Саша Богдановиќ.