fbpx

Почна изградбата на терминалот за природен гас во Грција, Србија сака гасно поврзување со нашата земја

-

Со свечена церемонија, денеска во грчкиот град Александруполи започна изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ). На настанот присуствуваа претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, премиерите на Грција Киријакос Мицотакис, на Северна Македонија Димитар Ковачевски и на Бугарија Кирил Петков, како и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Терминалот ќе претставува нова енергетска порта, која што ќе им помогне на Балканот и на Европа да бидат помалку зависни од рускиот гас, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пренесува грчкиот весник Катимерини.

„Неодамнешната уцена на Москва за природниот гас ја прави соработката не само неопходна, туку би рекол, итна“, изјави грчкиот премиер Мицотакис.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека Северна Македонија во овој проект учествува со договор за резервација за одреден капацитет за течен гас од Терминалот во Александруполи при што ја спомена и изградбата на гасниот интерконектор со Грција кој е во фаза на реализација.

„Јужниот коридор ја намалува зависноста од досега единствениот канал на доток на гас од Русија. Поточно, со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од Соединетите Американски Држави, Блискиот Исток и други земји. Ова значи сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи и диверзификација на изворите што нашата држава ќе ја направи енергетски независна“, изјави македонскиот премиер Ковачевски.

Пораки од денешниот настан во Александропули испратија и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој рече дека терминалот за течен природен гас во Александропули претставува голем и значаен настан за целиот регион на Балканот, пренесува српскиот весник Политика.

Вучиќ призна дека претходно бил скептичен околу реализацијата на овој проект, но сега кога гледа дека сè е подготвено, многу е задоволен поради тоа. Српскиот претседател изјави дека Србија треба да гради системи за гасно поврзување со Бугарија, но и дека ќе мора да се направи нешто и за гасоводно поврзување на Србија со Северна Македонија. Тој најави дека проектот за гасоводна интерконекција меѓу Србија и Северна Македонија ќе го финансира ЕУ.

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска од Грција порача дека само заедно, земјите од регионот ќе можат да се спротивстават на руските уцени. Тој додаде дека денешниот настан ќе биде запамет во политичката историја на Бугарија и Грција како стремеж за економска слобода и политичка независност, пренесува Бугарското национално радио.

Инаку, изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) се очекува да биде комплетирана и тој да биде пуштен во употреба во декември 2023 година. Грција со овој капитален проект ќе постане енергетско средиште на Балканот.

Според потпишаниот меморандум за разбирање со Гастрејс С.А. во март 2021 година, Северна Македонија се одлучи да учествува во инвестицијата во гасниот терминал во Александропули со 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, коешто ќе биде поддржано од ЕУ.

Воедно, нашата земја ќе учествува со 25 проценти во инвестицијата за гасна централа на природен гас во Александропулис, а проценетата вредност на инвестицијата е повеќе од 380 милиони евра. Владата во февруари годинава одлучи да ги потпише договорите за реализација на овие проекти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...