Премиерот Никола Груевски, заедно со градоначалникот на Општина Неготино, Ванчо Апостолов, и со бизнисменот Илија Гечев, денеска го означи почетокот за изградба на нова индустриска зона во Неготино.
Зоната се простира на површина од 30 хектари, со можност за изградба на 26 објекти, а како што соопшти премиерот, досега се продадени сите 17 парцели.
– Стратегијата и политиките на Владата за засилен економски развој, привлекување нови инвестиции, отворање нови работни места и за континуиран напредок на РМ продолжуваат со несмален интензитет на сите полиња. Продолжуваме со инвестиции во изградба на патиштата, железницата, образованието, во подобрување на бизнис-климата, поддршка на стопанството, изградбата на индустриските развојни зони, како и низа други активности кои се од големо значење за економскиот развој на државата – рече Груевски, додавајќи дека напорната работата си носи резултати.
Бизнисменот Гечев, сопственик на компанијата ИГМ, најави дека во индустриската зона Неготино ќе бидат изградени продавници со стока од Кина и од Кореја.