Според планот за работа, кој специјалната обвинителка Катица Јанева го достави до надлежените институции, од денеска (15 декември) почнува да тече рокот во кој треба да паднат првите обвиненија за случаите кои произлегуваат од содржината на незаконското прислушување.

Кабинетот на Јанева вчера соопшти дека по анализата на материјалите што специјалното обивнителство ги презеде од јавните обвинтелства кои досега постапуваа по нив, таа и нејзиниот тим се надлежни за 34 предмети. Само два предмети не влегоа во надлежноста на специјалната обвинителка.

Во меѓувреме, веќе е отворена преистражна постапка за предметите што се однесуваат на изборните нерегуларности, а за кои Јанева и нејзиниот тим прво одлучија дека се под нивна стварна надлежност.

„Доколку сите предвидени услови за непречено вршење на работите бидат испочитувани, а во зависност од обемноста на материјалите и од комплексноста на истрагите, се очекува првичните одлуки јавниот обвинител да ги донесе во периодот од 15 декември 2015 година до 15 март 2016 година“, стои во работниот, финансов и персонален план што Јанева го достави до Владата на почетокот на октомври.

Условот наведен во првиот дел од оваа реченица (сите предвидени услови за непречено вршење на работите бидат испочитувани) можно е да бидат причина првите обвиненија да се случат по Нова година, бидејќи уште од самото назначување за специјален обвинител, Јанева се соочи со сопки од финансиска и од кадровска природа.

Прво не го доби бараниот број на обвинители-помошници. Јанева бараше 14, па доби седум, за, на крај, да постигне компромисно решение со Советот на јавни обвинители за вкупно 12 обвинители.

Буџетот од 1 милион евра за работа на специјалното обвинителство, иако според законот, требаше да ѝ биде одобрен најдоцна за 35 дена од фoрмирањето на обвинителството, односно на 19 октомври, пратениците во Собранието него го изгласаа на 2 ноември, бидејќи се чекаше тој да помине првин на владина седница.

Идентична беше и ситуацијата со обезбедувањето на просториите за работа, кои специјалната обвинителка и нејзиниот тим ги добија надвор од предвидениот рок.

Јанева чекаше и комплетирање на нејзиниот тим на истражители, кои ѝ беа доделени вчера.

Сè уште останува да виси законот за јавнообвинителска служба, кој Јанева бара да биде донесен по скратена постапка бидејќи е неопходен за работата на нејзиното обвинителство. До каде е постапката со законот, од надлежните институции засега нема одговор, поради што специјалното обвинителство поднесе иницијатива до Владата и до пратениците во Собранието за донесување на законот.