fbpx

Почна бркањето врски – родители молат за уште една шанса и за петки во дневниците 

-

Како што се приближува крајот на учебната година, во училиштата сè почести стануваат ургенциите за повисоки оценки. Родители бараат оценка плус за своите деца, посебно оние во повисоките одделенија, затоа што крајните оценки во предметна настава се важни при уписот во средно училиште.

Во овој период, и во основно и во средно образование во тек се тестирања по сите предмети, по што наставниците и професорите треба да спуштат конечни оценки во графите во дневниците.

Марија Костовска, наставничка по македонски јазик во основното училиште „Блаже Конески“, вели дека вообичаена слика е пред крајот на секоја учебна година да има родители кои бараат повисоки оцени за своите деца.

– Тоа не е во ред, бидејќи родителот со тоа не му прави услуга на своето дете, туку напротив, му прави контра-услуга, бидејќи сето тоа ќе се одрази во понатамошното негово образование. Ако како пример, на еден ученик на кој му биле поправани оценките и во текот на целото основно образование на крајот бил со сите петки, тогаш реалните знаења на истиот ученик ќе се покажат во средно образование, и на површина ќе испливаат слаби оцени. Затоа при оценувањето, наставникот треба да постапува праведно со сите ученици, а во неговите одлуки при оценувањето да немаат влијание надворешни фактори. Реалното оценување создава функционален и праведен образовен систем – смета Костовска.

Бистрица Станковска, директорка на училиштето „Гоце Делчев“ во Лисиче, вели дека кога го имало екстерното тестирање, бркањето врски било далеку помалку изразено.

– Со екстерното беше построго, колегите се држеа, а родителите знаеја дека не смеат да бараат преку леб погача, беа свесни дека ако наставникот отстапува во оценките, ќе биде казнет и дека може да го изгуби и работното место. Сега главно имаме заземено став, онаму каде што сите други оценки се петки, а по некој предмет има пониска оценка, и таа да биде петка. Прогледуваме низ прсти, но сепак, немојте да мислите дека се случува некој што има двојка, на крајот да добие петка. Такви екстреми нема – вели Станковска.

Врски за оценка плус се бркаат и во среднте училишта. Директорите со кои разговаравме велат дека на родителите дозволено им е да бараат онолку колку што училишниот менаџмент ќе дозволи.

– Точно е дека се случува да се бараат повисоки оценки, но тоа кај нас професорите го средуваат. Си имаме и класни совети на кои дискутираме за ова, но сепак ретко се случува да се бараат класично подарени оцени. Ова е прашање кое е став на менаџментот. Јас лично како директор не одобрувам вакви притисоци. Сепак на тој начин се нарушува и кредибилитетот на професорот– вели Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.

Силвана Кржовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ за „Мета“ вели дека ургенциите се повеќе во насока на тоа децата да бидат допрашани или да им се даде уште една шанса.

– Има барања од родителите за професорите да им дадат уште една шанса на децата, кои поради различни причини не добиле добра оценка на завршниот тест. Сега периодов се прават завршни писмени и тестови, па детето знае да е под стрес и поради тоа да погреши. Затоа родителите бараат да се обрне повеќе внимание. Значи, притисоците повеќе се во таа насока, да им се даде уште една шанса, а не толку колку за подарување оцени – вели Кржовска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...