Градоначалниците на Скопје и на Општина Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски, и директорите на јавните претпријатија, денеска присуствуваа на акција на јавните претпријатија што ќе ја спроведуваат во наредните три дена во оваа општина. Jавните претпријатија ќе интервенираат во раммките на своите надлежности, а екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе работат на реконструкција на дел од улицата Бутелска.

– Изминативе години, во Бутел беа реализирани голем број проекти. Идната година планираме да изградиме нов атмосферски колектор на подвозникот до кружниот тек на улица Боца Ивановска, до реката Серава, чија проектна вредност изнесува околу 30 милиони денари. Најголем проект кој наредниве години треба да се реализира е пробивањето и изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, со кој оваа општина ќе добие уште едно сообраќајно поврзување со остатокот од градот – рече градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски, изјави дека овие средби даваат позитивни резултати и ја подобруваат комуникацијата на општинската администрација и на урбаните заедници со јавните претпријатија.