Извор на фотографија: Влада на РСМ

Министерството за здравство информира, дека во последните 24 часа се пријавени вкупно 47 починати лица како последица на ковид-19. „Од нив 15 лица се починати во тек на март месец во една приватна клиника, а истите се пријавени денеска“, се вели во соопштението од ресорното министерство, но не се наведува за која приватна клиника станува збор.

Починатите биле на возраст од 42 до 92 години, а најголем дел се од Скопје – 22. Тројца починале во домашни услови.

Во последните 24 часа биле направени 2.865 тестирања, а регистрирани се 627 нови случаи на ковид-19 од кои повеќе од една третина во Скопје (218). Регистрирани биле 765 оздравени пациенти.

„Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 148.618, бројката на оздравени пациенти е 125.593, на починати е 4.556, а бројот на активни случаи изнесува 18.469“, соопштија од Министерството за здравство.