Редакцијата на српското списание „Време“ објави дека нивниот колега Теофил Панчиќ починал во Нови Сад по долго и тешко боледување. Заминувањето на Теофил му пркоси на мотото дека нема незаменливи, објавува медиумот.
Панчиќ бил редовен колумнист и еден од најпознатите автори во неделниот магазин „Време“. До самиот крај бил литературен критичар и уредник на културната рубрика „Времена“. Роден е во Скопје во 1965 година. Како дете на воено лице, дел од детството го поминал во Пирот, а потоа се преселил во Загреб, градот што го формирал. Од раните деведесетти живее меѓу Белград и Нови Сад. Засекогаш остана жител на Војводина, бидејќи го избра Земун за своја белградска резиденција. Редовен колумнист на „Време“ од 1993 година.
Објавувал текстови и колумни во бројни медиуми, меѓу кои: „Слободна Европа“, „Јутарњи лист“, „Наша Борба“, „Автономија“, „Република“, „Глобус“, „Дани“, „Дневник“, „Независен“, „Војводина“, „Побједа“, „Монитор“. Автор е на повеќе од 20 книги, претежно збирки есеи, меѓу кои се издвојуваат: „Урбани бушмани“, „Чувари на бенгалскиот пожар“, „Изгледни знаци“ и краткиот роман „39 дена од јуни“. Добитник е на бројни домашни и регионални награди како „Југ Грижељ“, „Витез позива“, „Срѓан Алексиќ“.
„Најголем дел од наградите што ги има добиено Теофил Панчиќ се за храброст, новинарска или човечка. Заминувањето на Теофил Панчиќ му пркоси на мотото дека нема незаменливи луѓе. Со неговата смрт, „Време“ останува без единствен феномен на уникатен карактер, автор со неповторлив стил и непогрешливо чувство за правда. Теофил остави свој белег на целата територија на Југославија, земја која технички веќе не постои, но, сигурни сме, дека денеска целата жали“, пишува во објавата на „Време“.