Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието по осамостојувањето

На првите повеќепартиски избори во 1990 година е избран за собраниски пратеник. Претседател на Собранието бил во три мандати, а по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров во 1995 година, извесен период ја врши и функцијата претседател

Тиверополник, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

На 89 годишна возраст, почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија, поранешен пратеник и основач на Либералната партија.

Роден е во 1935 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Факултетот за политички науки при Белградскиот универзитет.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати.

Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше партијата до спојувањето со Демократската партија во 1997 година, кога е избран за претседател на Советот на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП).

На првите повеќепартиски избори во 1990 година е избран за собраниски пратеник. Претседател на Собранието бил во три мандати, а по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров во 1995 година, извесен период ја врши и функцијата претседател.

На изборите во 1999 беше кандидат на ЛДП за претседател на Македонија, но не помина во вториот круг.

Андов напиша повеќе книги од областа на економскиот и политичкиот систем, како и литературни романи.

Во 2021 година, претседателот Стево Пендаровски му додели Орден „8 Септември“ за особен придонес во осамостојувањето на Македонија.