Почина претседателот на управниот одбор и генерален директор на АДИНГ, Благоја Дончев

Вчера почина Благоја Дончев, долгогодишниот претседател на управен одбор и генерален директор на АДИНГ, информираат од компанијата за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото.

„Неговото лидерство, високата работна етика и вредностите кои ги вгради во темелите на компанијата, денес се нераскинлив дел од нејзиниот код. Беше енергична личност, учител и пример за многу генерации професионалци позади него, несебично споделувајќи ги техничките знаења од областа, бизнис искуствата и вештините. Преку неговото мото дека „АДИНГ е и ќе биде состојка на секоја градба”, изгради и постави здрави основи за понатаму, што гордо го сметаше за еден од своите најголеми успеси“, се наведува во соопштението од АДИНГ.

Неговите професионални почетоци се во АДИНГ, од 1980 година, минувајќи низ сите скалила на компанијата, а на нејзино чело застанува во 2006 година. Смртта го затекна во неговиот четврти континуиран мандат, во кој се бележат и најдобрите резултати во досегашното работење.

Благоја Дончев роден е во Вељуса, Струмица, Р. Македонија во 1951 г., а дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.  Добитник е на низа награди и признанија од областите на бизнисот, менаџментот и општествено одговорните практики во земјава и странство, од кои како последна е големата награда на Средна и Југоисточна европа „Креатори на Столетието“ за животно дело во развојот на претприемништвото во Р. Македонија во 2019 година.

Погребот на Благоја Дончев ќе се изврши во рамки на потесното семејство.