Лицето кое вчера беше повредено во вооружена престрелка меѓу две лица во Дуќанџик на Бит Пазар, им подлегнало на повредите, потврдија во Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за А.С., на возраст од 31 година.
„Вчера околу 14 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Војдан Чернодрински“ на подрачјето на Бит Пазар има пукање од огнено оружје. Полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар и полициски службеници од Единицата за интервентна полиција излегле на местото и било констатирано дека се работи за престрелка помеѓу две лица кои со мотор дошле и почнале да пукаат кон лице кое било веќе на локацијата, при што А.С.(31) од Скопје за здобил со прострелна рана и е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 16.00 починал“, информира МВР.
На местото на настанот најдени се повеќе чаури, а оштетени се неколку изложни стакла од околните продавници, како и неколку паркирани возила. Се преземаат оперативни тактички мерки за пронаоѓање на лицата и за расчистување на случајот.
Како што денеска информираа од Јавното обвинителство, од местото земени се траги и докази кои ќе бидат предмет на вештачење.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, изврши увид на лице место по вчерашната оружена престрелка кај Бит Пазар. Од лице место се прибрани траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција. По наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор од околните објекти. Се издаваат сите потребни наредби и насоки за идентификација на инволвираните и целосно расчистување на настанот“, наведоа во соопштението од Обвинителството.