Почина поранешната министерка за надворешни работи, Илинка Митрева.
Илинка Митрева беше поранешна пратеничка од редовите на СДСМ и еднa од основачите на партијата.
„Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици. Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните. Нека почива во мир“, напишаа од партијата СДСМ на официјалниот Фејсбук профил.
Илинка Митрева е родена на 11 февруари 1950 година во Скопје. Таа има дипломирано на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, а потоа докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје.
Од 1974 до 2001 работи како помлад асистент, доцент и шеф на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Митрева е автор на повеќе стручни и научни трудови.
Митрева беше на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија од 1994 до 2001 година. Таа беше претседател на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива, шеф на собраниската Група за соработка со Европскиот Парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО.
Таа беше министер за надворешни работи на Република Македонија од 1 ноември 2002 година до 26 август 2006 година.