Утрово почина политичкиот аналитичар Арсим Зеколи. Информацијата за неговата смрт ја објави неговиот брат, д-р Шефкет Зеколи, преку социјалните мрежи.
„Со длабока болка и голема тага, ве известуваме дека денеска, на 8 јуни 2026 година, во раните утрински часови, ненадејно почина нашиот брат, Арсим Сулејман Зеколи (1966-2026)“, стои во соопштението.
Од семејството известуваат дека погребот ќе се одржи во 18 часот на гробиштата во селото Блаце.
Арсим Зеколи беше политички аналитичар и дипломат, а во текот на својата дипломатска кариера ја претставуваше Македонија во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена, каде беше постојан претставник на земјата.
По завршувањето на дипломатскиот ангажман, продолжи активно да учествува во јавниот дискурс преку анализи, колумни и коментари за домашните и меѓународните политички процеси. Неговите ставови се одликуваа со критички пристап и отворено преиспитување на политичките моќници.
Со порака на сочувство се огласи и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Тој го опиша Зеколи како исклучително образован и принципиелен човек, кој без двоумење ги искажувал своите ставови, дури и кога тие биле критички настроени кон носителите на јавни функции.
„Често јавно ме критикуваше, но тоа не нè спречуваше да се среќаваме и со часови да разговараме за меѓународната политика, регионот и геополитиката. Кога бев претседавач со ОБСЕ, често го поканував во мојот кабинет. Никогаш не разговаравме за тоа што го напишал за мене претходниот ден, ниту за нешто што можеби не ми се допаднало. Еден детал особено ми остана во сеќавање. Колку и пати да му понудев кафе кога ќе дојдеше во Министерството, тој одбиваше. Велеше дека не сака да добие ништо од луѓето на власт, за никому да не му остане должен, па дури ни за едно кафе. Таков беше Арсим. Сочувство до семејството и најблиските“, се вели во објавата на социјаните мрежи.
На социјалните мрежи се огласи и лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами. Во својата порака, Касами го опиша Зеколи како истакнат дипломат, аналитичар и интелектуалец, истакнувајќи дека со неговото заминување е изгубен „храбар и бескомпромисен глас“.
Тој упати сочувство до семејството, пријателите и соработниците на Зеколи, посакувајќи неговиот спомен да остане вечен.
