Почина невропсихијатарот и светски признат епилептолог проф. д-р. Методи Чепреганов

По кратко боледување, денеска на 86-годишна возраст почина проф. д-р Методи Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија, извести болницата „Неуромедика“, болницата каде што светски признатиот епилептолог работеше во последните децении.

„Со огромна жалост би сакале да Ве известиме дека денес по кратко боледување почина нашиот ценет и почитуван Проф.Др.Методи Чепреганов. Директорот,менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работата како дел од тимот на болницата,во која работеше повеќе од 20 години. Вечна му слава“, соопштија од Нуромедика.

Д-р Чепреганов беше дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на премиерот на Франција во името на Министерството за наука.

Повеќе од 25 години предавал на Медицинскиот факултет во Скопје. Објавил над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.