Почина Луиџи Пикато, еден од најомилените цртачи на стрипот „Дилан Дог“

Стрипови нацртани од Луиџи Пикато објавени од српски и хрватски издавачи достапни на македонскиот пазар. Фото: Meta.mk.

Најголемата италијанска издавачка куќа за стрипови „Серџо Бонели Едиторе“ на 14 март објави дека починал нивниот долгогодишен соработник, Луиџи Пикато. Тој беше познат како цртач на низа легендарни епизоди на стрипот „Дилан Дог“, како „Голконда“.

Тој бил роден во Торино во 1957 година, а професионално работел како автор на стрипови од 1977 година. Првобитно објавувал во списанијата „Кориер Бој“ и „Кориере дел пиколи“, по што преминал кај „Бонели“.

На „Дилан Дог“ Пикато има работено од 1987 година и илустрирано дури 47 приказни, почнувајќи со осмата епизода во југословенските изданија преведена како „Очите на злото“ или „Враќање на чудовиштето“ (ориг. „Il retorno del mostro“).

Наредните години епизодите како „Њујорк, Њујорк“ или „Злостор“ (ориг. „Cagliostro!“), „Розовите зајци убиваат“ и особено надреалистичката „Голконда“ („Golconda“) имаат култен статус кај читателската заедница. Поновите епизоди како долгометражната „Долга ноќ“, „Двата животи на Дрим“ и „Ријалити шоу“ исто така наидоа на добар прием кај публиката.

Две епизоди на „Дилан Дог“ на Пикато се објавени и на македонски јазик од издавачот „М-комикс“ – „Семејството Милфорд“ (2014) и „Патување без надеж“ (2015).

Две епизоди на Дилан Дог нацртани од Луиџи Пикато се објавени на македонски јазик. Фото: stripovi.com.

Низ годините, Пикато има работено и на други серијали на „Бонели“ како „Натан Невер“ и „Магичен Ветар“. Во рамки на серијалот со Загор беше ангажиран да ги нацрта специјалните епизоди „Зенит 666“ и „Приказни од базата „Другде““, а за релативно новиот серијал „Дарвин“ ги имаше и создадено графичките решенија за главните ликови.

Пикато беше миленик на неговата публика и поради контактите кои ги остваруваше на јавни настани, како фестивалот „Лука Комикс енд Гејмс“.

Организаторите на фестивалот „Стрипорама“ во Ниш, екипата на стрипарницата  „Јужни Дарквуд“, потсетија дека Пикато им бил почесен гостин во 2016 година и дека учесниците тогаш запознале „еден вистински господин, кој го сакал дружењето со љубителите на стрипот и кому не му било тешко баш на секој од нив да им нацрта нешто за спомен“.

По објавата за смртта на Пикато, неговите почитувачи од Италија и од Балканот ја споделија тагата преку објавување сегменти од некои од нивните омилени епизоди. Така на пример, како последен поздрав италијанскиот археолог и новинар Франческо Белy објави страница од „Голконда“, со визуелни референци на делата на Рене Магрит.

Италијанскиот корисник на Твитер СиМ исто така се заблагодари на Пикато со објава на кадри од тој стрип, како и од некои други.

Македонскиот теоретичар на стрипот и професор по филозофија д-р Бошко Караџов како негова најомилена епизода ја издвои „Завесата паѓа“ или „Големиот Гуњол“ (ориг. „Grand Guignol“).

Причината за смртта на Пикато не е јавно објавена. Неговите читатели ќе го паметат како мајстор со уникатен стил на цртање со молив и туш, прикажан и на овој клип објавен во мај 2016 година од српскиот издавач „Весели четвртак“.