Почина Љубисав Иванов-Ѕинго

Во 84. година од животот почина Љубисав Иванов-Ѕинго, роден во 1936 година во с. Трновац, Кратово. Тој беше член и претседател на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) и имаше волонтерско и професионално политичко искуство во континуиран период од 46 години. Од нив, 30 години како пратеник во Сојузното собрание во поранешна СФРЈ, а од осамостојувањето на државата, и пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на СПМ.

Ѕинго беше и генерален директор на Рударско-геолошкиот комбинат „Силекс“- Кратово, 40 години, а исто така и претседател на Фудбалскиот Сојуз на Македонија од 1993 до 1999 година, прв човек на ФК Силекс и почесен претседател на Фудбалската Федерација на Македонија, пишува на официјалниот фејсбук профил на Фудбалската Федерација на Македонија. Под негово водство, Фудбалскиот сојуз на Македонија стана полноправен член на најважните фудбалски организации, ФИФА и УЕФА.

„Македонскиот фудбал денес загуби еден од своите најдобри и најважни фудбалски работници во својата историја. Ми беше чест што го познавав и соработувавме со Љубисав Иванов – Ѕинго, а навистина е беспредметно да набројуваме со што сѐ го задолжи нашиот фудбал и Фудбалската Федерација на Македонија, ФФМ. Наша должност е да продолжиме по патот кој тој го трасираше. Да се грижиме за федерацијата и луѓето, да се грижиме за македонскиот фудбал. Во име на ФФМ и целото фудбалско семејство, изразувам најдлабоко сочувство до семејството на Љубисав Иванов – Ѕинго“, напиша на фејсбук страната на ФФМ, Муамед Сејдини, претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија.

Социјалистичката партија на Македонија во соопштениетo по повод смртта на својот лидер напиша дека Љубисав Иванов Ѕинго имаше исклучителна стопанска и политичка кариера и дека од својата работна организација создаде исклучително богата компанија со разни дејности и активности.

„Пред 25 години тој застана на чело на Социјалистичката партија Македонија и таа под неговото водство израсна во значаен политички субјект во општествено политичкиот живот во Македонија“, стои во нивното соопштение.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека господинот Љубисав Иванов –Ѕинго ќе остане запаметен како еден од најискусните политичари кои со својот капацитет, искуство и истрајност придинесе за градењето на независна и суверена Република Македонија и дека тој беше дел од значајни историски одлуки кои се однесуваа на нашата земја и македонскиот народ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери објави телеграма со сочуство во која стои дека: „почитуваниот Иванов беше пратеник во речиси сите пратенички состави од осамостојувањето на Републиката, неговиот придонес во градењето на државата, неговата активност како бизнисмен и човек кој дал безрезервна поддршка на спортот во нашата држава, ќе останат запаметени“.

Од Демократскиот сојуз изјавија дека Иванов беше голем патриот кој секогаш ги афирмираше македонските национални интереси. „Во последните години сите разговори ги завршуваше со зборовите: да бидеме сплотени и да ја сочуваме Македонија“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.